Во Чешка невработеноста ќе достигне 12 проценти?
Прага – Од јуни 2008 година, кога во Чешка само пет проценти од вкупното население беше без работа, во текот на последниве две години стапката на невработеност постојано се зголемува и во февруари достигна 9,9 проценти. Чешките синдикални организации стравуваат и предупредуваат дека стапката на невработеност не бележи стагнација или намалување и очекуваат невработеноста да достигне 12 проценти.
Министерот за труд и социјална политика, Петр Шимерка, пак, е оптимист и смета дека статистиката за бројот на невработени за март нема да биде над 10 отсто од работоспособното население.
Слични се и предвидувањата на Чешката стопанска комора (ЧХК) и на некои економски експерти. „Невработеноста не може да достигне повеќе од 10,5 проценти“, изјави економистот Камил Јаначек.
Сепак, за експертите и бројката од над десетина невработени бара преземање мерки и измени, особено во законските прописи што ги регулираат условите за работа.
Последниве денови посебно е актуелно несогласувањето меѓу Чешката стопанска комора и синдикалните организации околу висината на исплатата на надоместоците за отпуштените работници или стечајците. „Висината од пет месечни плати надомест како испратнина во ова време е уништувачка за компаниите“, изјави претседателот на ЧХК, Петр Кужел, со што не се согласуваат синдикалците.
Исто така, постои несогласување во однос на размислувањата за покачување на социјалното осигурување и даноците за претпријатијата и претприемачи како еден од начините за полнење на државната каса. Наспроти тоа, компаниите и синдикатите бараат државата да започне со развивање инвестиции во областа на инфраструктурата и електричните централи. „Се разбира дека тоа е решение, но мора да предупредам дека тоа се сектори кои се со мала работна интензивност“, додаде Јаначек. (МИА) |