Несигурноста главна одлика на работните места на 21 век

Речиси секој четврти граѓанин на ЕУ работи на одредено време, со скратено работно време или хонорарно
Постојано работно место, сигурен договор за вработување и одредено работно време постепено стануваат остатоци од минатото. Се чини дека оттука изгледа потешко. Тоа широко би го отворило царството на можности, но, исто така, и цела Пандорина кутија на неизвесности, навестува чешкиот неделник „Респект“.
Во изминатите 20 години, работниот свет во Европа и во САД мина низ големи промени. Социолозите го опишуваат тој феномен како „развој на нетипични аранжмани за вработување“ или „алтернативни работни аранжмани“ во американски стил. Тие аранжмани се нетипични, бидејќи едвај имаат нешто заедничко со вработувањето во форма која им е позната на повеќето Американци и Западноевропејци од 1980-тите години. Таа ера на „редовни работни места“ - постојано платено вработување со солидна пензија за која се преговара - сега е завршена. Од 1985 година, бројот на работниците со постојан договор за полно работно време низ Западна Европа со сигурност опаѓа . Според студијата на Центарот за социолошки истражувања Берлин (ВЗБ), се чини, речиси секој четврти граѓанин на ЕУ работи на одредено време, со скратено работно време или на хонорарна основа.
Во Западна Европа, поголем дел од новите работни места отворени во последните десет години се „нетипични“. Овој тренд е највидлив во Холандија, каде што бројот на „атипични работници“ достигна речиси 43 отсто во 2008 година. Податоците за Германија забележаа скок од 20 отсто во 1990 година до 37 отсто во 2007 година. Во Шведска, Шпанија, Данска, Португалија, Велика Британија и Австрија, нетипичните работници опфаќаат четвртина, дури и третина, од работната сила. Сепак, не преовладуваат многу во новите земји-членки на ЕУ. Меѓутоа, нивниот дел од работната сила во Словенија и во Чешката Република, 16 и 13 проценти соодветно, покажува дека е само прашање на време кога далекусежните промени во работниот свет ќе ги погодат и посткомунистичките земји.
Сите нешта укажуваат дека во иднина се' повеќе луѓе ќе заработуваат помалку пари, но за возврат ќе имаат повеќе слободно време на располагање. Тој работен свет што се раѓа - нешто што ќе стане наскоро премногу очигледно - претставува реална закана за оние што не можат да го најдат своето место во него, но, исто така, изразува надеж дека луѓето ќе бидат послободни.
Тогаш како ќе изгледа работата по 20 или 30 години? Тоа прашање не е ограничено на нашите чекови и нашиот начин на живеење, но допира до дефиницијата за „работа“, која не го дели општеството на „победници“ и „губитници“. Постои одговор кој би можел да ги смири целите што се исклучуваат заемно: потребата на работодавците да бидат во можност да отпуштаат непотребни работници и потребата на вработените за сигурност на стабилни приходи. Тоа се нарекува „флексикјурити“. Тој систем најдобро функционира во Данска. Таму со закон е осигурано дека можат да се отпуштат вработени, но не треба да се плашат од последователно паѓање во дупка без дно: државата им гарантира дарежливи социјални бенефиции - доколку, сепак, редовно посетуваат професионални програми за преобука. Тој модел што го промовира активно Европската комисија, исто така, се покажа успешен во Холандија.
Потоа, тука е идејата за „граѓански приход“ во Германија, односно радикална иницијатива што ја разгорува дебатата. Идејата е дека платената работа не треба и понатаму да биде главна потпора на социјалното признавање и, како последица на тоа, невработените не треба и понатаму да бидат стигматизирани во бродоломите на капитализмот. Гарантираниот приход на секој граѓанин би ги заменил сите негови постојни социјални бенефиции. Секој граѓанин кој е „инволвиран“ во општеството би можел да ја извлече таа „плата“, без оглед дали го наоѓа своето место на пазарот на труд. Но, како би требало да изгледа таа „работа на граѓанинот“ во конкретни рамки? И како би била финансирана таква програма? Економистите се поделени околу овие прашања. |