Русија предничи во битката за гасоводи

Деновиве треба да започнат работите на изградбата на гасоводот долг 1.200 километри преку Балтикот
Гасоводот „Нордстрим“„Северен тек“ и „Јужен тек“ контра „Набуко“, овие проекти имаат иста цел: треба да обезбедат снабдување на Централна Европа со гас. Битното прашање е: од Русија или од регионот на Касписко Море? Уште еден момент ја прави целата работа посебно скокотлива: Шредер контра Фишер. За некогашниот германски канцелар и за неговиот тогашен министер за надворешни работи овие проекти се на спротивни страни. Конкурентската битка, се чини, е решена.
Деновиве треба да започнат работите на изградбата на гасовод долг 1.200 километри преку Балтикот. Трката е решена, Русија ќе ги снабдува Германија и Централна Европа со гас во наредните децении.
„Потрошувачката ќе расте и поради тоа е разумно да се има пристап до важните лиферанти, како што е Русија“.
Герхард Шредер уште кога беше германски канцелар лично се заложи за проектот за гасовод преку Балтикот. Денес тој е претседател на Надзорниот одбор на „Норд стрим“, фирма-сопственик на идниот балтички гасовод.
„Русија беше лиферант на гас и во времето на студената војна и никогаш немавме проблеми со сигурноста на испораките. Сосем сум сигурен дека така ќе остане и во иднина“, лобира Шредер.
Зад „Норд стрим“ се крие руското државно претпријатие „Гаспром“, најголем производител на земен гас во светот. Конзорциумот предводен од „Гаспром“ создаде свршени факти уште пред гасоводот воопшто да смее да се гради. Производството на челични цевки, врз кои се става бетонска обвивка, започна уште во 2007 година, иако конечната дозвола и парите стигнаа сега, пред неколку недели. Така „Норд стрим“ го исфрли „од игра“ конкурентот „Набуко“, уште пред тој воопшто да застане на нозе.
Гасоводот „Набуко“ е инициран од австрискиот енергетски концерн ОМВ, а за него се залага поранешниот германски министер за надворешни работи Јошка Фишер.
„Не сакаме монопол. Сметам дека е разумно ако ние Европејците гарантираме енергетска сигурност преку широка палета на понуди“.
Со јасни зборови кажано: Фишер и конзорциумот, во кој учествува и германскиот концерн РВЕ, сакаат да ја скршат доминацијата на Русите и да донесат во Европа гас од регионот на Касписко Море. Трасата на гасоводот треба да води јужно од Црно Море кон Западна Европа. Проектот „Набуко“ има подршка и од Европската комисија.
„’Набуко‘ е европски проект, води во друг регион богат со гас - Каспискиот и двојно ја намалува зависноста на Европа: со втор гасовод се намалува зависноста од техниката, а тој оди и во друг регион, кај други партнери, со што решавачки се намалува зависноста“, нагласува еврокомесарот за енергетика, Гинтер Етингер.
Планираниот гасовод „Набуко“ има голем недостаток: иако е политички посакуван, досега ниеден од инвеститорите не знае од каде треба да дојде гасот. Тие редовно пат��ваат во Азербејџан, Туркменистан и во Ирак, но досега нема ниеден склучен договор. На „Набуко“ може да му дојде крајот и поради друга закана: „Гаспром“ планира и гасовод „Саут стрим“ по нешто посеверна траса од „Набуко“, директно низ Црно Море. Ако се точни прогнозите на Меѓународната агенција за енергетика дека Западна Европа во 2030 година ќе мора да увезува дополнителни 200 милијарди кубни метри гас, тогаш ќе има место за трите гасоводи. Но, има и прогнози дека потрошувачката на гас во Европа нема да расте, оти ќе има се' повеќе енергија од алтернативни извори, тогаш „Гаспром“ и Русија, дефинитивно, се во предност. (Дојче Веле) |