Општините бараат повеќе пари
МАВРОВО - По пет години од почетокот на процесот за децентрализација во земјата се констатирани забележителни достигнувања, но локалните самоуправи бараат поголеми финансиски средства за нив, зголемување на капацитетите на општинската администрација и целосна имплементација на Законот за употреба на јазиците. Идните активности ќе бидат насочени, меѓу другото, и кон зајакнување на улогата на граѓаните во донесувањето одлуки.
Петгодишнината од почнувањето на децентрализацијата вчера во Маврово се одбележа со конференција во организација на ОБСЕ и ЗЕЛС.
„Потребни се натамошни напори за целосна имплементација на правата во областа на употребата на јазиците на општинско ниво и зголемување на техничките и финансиските капацитети на општинската администрација“, изјави шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Хереро.
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје, Трајановски, информираше дека на неодамнешната средба во Владата повторно било изнесено барањето за зголемување на зафаќањето на ДДВ за локалните власти на 4,5 проценти за 2011 година и шест проценти за 2012 година, како и за зголемување на персоналниот данок што во 2011 година би изнесувал 15 проценти, а во 2012 - 30 проценти. Како еден од најголемите успеси на ЗЕЛС оваа година, Трајановски го истакна изготвувањето на законот за градежно земјиште што е во собраниска процедура. Според овој закон, од 1 јули 2011 година локалните власти ќе управуваат со градежното неизградено земјиште, што сега е во ингеренции на Министерството за транспорт и врски.
Потребата од навремено носење на овој закон ја истакна американскиот амбасадор Рикер. Тој смета дека за општините се потребни повеќе средства од ДДВ.
„Време е кога треба да побараме одговор на прашањето дали се видливи ефектите. Дали граѓаните се вклучени во процесите на донесување на одлуки и дали тие имаат влијание врз нивниот квалитет?“, праша Џафери.
Втората фаза од децентрализацијата е заокружена, но остануваат уште осум општини. Арачиново, Вранештица и Пласница, недостигот од соодветни административни капацитети ќе го надминат со меѓуопштинска соработка, или во нивно име данокот на имот го наплатува Управата за јавни приходи. За другите пет општини, Виница, Делчево, Охрид, Пробиштип и Желино, кои имаат проблем со долговите, во прва фаза ќе се преиспита можноста за извесни олеснувања за регулирање на долгот кон јавните претпријатија чиј основач е Владата.
Вицепремиерот Адеми истакна дека Владата продолжува да го поддржува процесот на децентрализација во земјата и оти таа е многу важна за влезот на земјата во ЕУ. Смета дека е потребна подобра имплементација на законите, но и почитување на правата на етничките заедници, а ја истакна и заложбата на Владата за поголема финансиска поддршка.
ЕУ ќе продолжи да ја поддржува Македонија, а во тој контекст децентрализацијата, кој, како што истакна евроамбасадорот Фуере, е особено важен за граѓаните, но и за политичката состојба во земјата. Посочи на потребата ЗЕЛС да ја задржи неутралноста и да остане финансиски и политички независна. (Д.Р.) |