„Ренова“ стипендира студенти и средношколци
Стипендијата за студенти е 3.600 денари, а за средношколци 2.000
ТЕТОВО - Компанијата „Ренова“ од тетовско Џепчиште и оваа година доделува стипендии. Ова е шеста година како „Ренова“ издвојува пари за стипендирање кадри не само за сопствени потреби, туку за стопанството и општествените дејности во земјата. Стипендии им се доделуваат на 90 студенти и на 60 средношколци. Основни критериуми на фондацијата „Ренова“ се успехот и материјално-финансиската состојба на семејството. Висината на стипендијата за студенти изнесува 3.600 денари, за средношколци 2.000, а се користи девет месеци во една учебна година.
На конкурсот за тековната учебна година стипендии ќе им се доделуваат на студенти од повеќе факултети и високи школи - архитектура, градежништво, потоа геолошки, електротехнички, биотехнички, политехнички, машински науки, како и педагошки, економски, правен факултет и хуманитарни насоки. Кај средношколците нема ограничувања за училиштето. „Инвестирањето во кадар има големо значење. На тој начин ја градиме иднината. Кај нас нема двоумења околу помошта што им ја даваме на одреден број студенти и средношколци. Додека имаме можност ќе го правиме тоа за доброто на сите“, вели Шефки Идризи, еден од сопствениците на „Ренова“. За доделување стипендии и за други потреби оваа компанија има формирано фондација што го носи истото име – „Ренова“. Сопствениците очекуваат дека и други фирми и поединци, не само од Тетово и од Тетовско, туку и пошироко, ќе учествуваат во создавањето средства за финансирање идни кадри. Завршените студенти и средношколци немаат посебни обврски кон компанијата и по завршувањето на школувањето се слободни, иако „Ренова“ за свои потреби задржува еден дел од потребните кадри за сопствени потреби. (Г.Е.) |