Број 3080  понеделник, 07 септември 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Македонија
Брана ќе ја скротува Оризарска Река

Со изградбата на браната, југоистокот добива акумулациска моќ од 300 милиони кубни метри вода

Иван Бојаџиски

Штип - Неодамнешната одлука на Владата да одобри 13 милиони денари за истражни работи на месноста Речани во општината Кочани, на која е планирано да се гради брана на Оризарска Река, само ја зголемува надежта дека и последната голема вода во југоисточниот регион од државата ќе биде скротена, ставена во вештачко езеро и искористена за подобрување на квалитетот на животот на околу 80.000 жители од четири општини - Кочани, Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево. Со тоа бројот на акумулациите кои имаат повеќенаменско значење ќе се заокружи на девет, а нивната вкупна акумулативна моќ ќе биде лимитирана на 300 милиони кубни метри вода. Кога овој регионален хидросистем ќе биде изграден, населението од спомнатите општини ќе има сигурност во водоснабдувањето во наредните најмалку три децении и тоа со најквалитетна вода за пиење.

Кочанскиот градоначалник е сигурен дека ќе се гради браната на Оризарска Река. „Покрај парите за истражните работи кои наскоро ќе започнат, Владата одлучи во наредната година да издвои 100 милиони за овој објект, а во 2011 година уште двесте милиони денари. Браната ќе може да акумулира 23 милиони кубни метри вода, што значи дека капацитетот ќе и' биде како на ’Злетовица‘. Седумдесет проценти од водата ќе се користи за водоснабдување на населените места, дваесет проценти за наводнување, а десет проценти ќе служат за производство на струја преку трите мали хидроцентрали кои се составен дел од овој проект“, вели Ратко Димитровски, градоначалник на Кочани.

Тоа дека Оризарска Река, заедно со Злетовица, е значаен воден потенцијал за регионот го има утврдено екипа од десетмина јапонски стручњаци кои уште пред една деценија, во името на Јапонската банка за техничка соработка, ги истражуваа потенцијалите на македонските води. Славко Николовски, тогашен директор на ХС „Злетовица“, и денес тврди дека токму јапонските експерти биле тие што ни ги отвориле очите дека Македонија мора да изгради брани на овие две реки.

„Експертите од земјата на изгрејсонцето ги истражуваа хидролошките услови во регионот и вршеа континуирани мерење на протокот на водите во разни временски периоди и ни оставија документ според кој водите на овие две реки вреди да се стават во развојна функција. При крај е изградбата на ’Злетовица‘, сега треба да се свртиме кон Оризарска“, вели Николов. Тој укажува дека Македонија, како и во случајот со „Злетовица“, треба да се обрати за кредит до Јапонската банка за техничка помош, зашто јапонските експерти, во името на оваа банка, ги утврдувале водните потенцијали и на оваа река.

Се предвидува дека хидросистемот Оризарска Река може да се изгради во рок од најмногу четири години. Ако биде реализиран овој проект, тогаш југоисточниот дел на Македонија ќе може да се пофали дека ��и зафатил сите поголеми води и ги ставил во развојна функција. Седумте изградени вештачки езера досега, од кои две во струмичкото и по едно во радовишкото, кочанското, каменичкото, беровското и светиниколското подрачје, вкупно акумулираат 254 милиони кубни метри вода. Со акумулациите на Злетовска и на Оризарска Река таа количина ќе се заокружи на 300 милиони кубни метри вода. Во сите спомнати општини, заедно со браните, изградени се и хидромелиоративни мрежи за наводнување на голем дел од плодното поле, но искористеноста на тој потенцијал е далеку од задоволителна.


#
Статијата е прочитана 601 пати.

Испрати коментар

Од: Kimov Trajko
Датум: 07.09.2009 23:27:05
Predxodnite vladi ne pomestia edno kamce za izgradba na bilo kakov nov objekt: blagodarenie na gospodinot Nikola Gruevski dosega se izgradia mnogu mnogu vazni objekti i uste se gradi. Vo Makedonia siromastiata e prisutna od pred 19 god za razlika od toa vreme nese izgradi ama nisto.

Најди! во Утрински
Македонија
За гостиварски „Охим-гес“ единствена надеж е платината
Трагедијата го одложи „Тиквешки гроздобер“
Врволица на Кораб