Број 3372  среда, 01 септември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter

Дарен Аронофски ја отвора 67. Мостра

Сунчица Уневска

Денеска со филмот „Црниот лебед“ на Дарен Аронофски се отвора 67. Венециски филмски фестивал, кој во текот на десет дена ќе прикаже 79 светски премиери од 34 земји од целиот свет. Најстариот филмски фестивал на светот, познатата Мостра, годинава се отвора и се затвора со американски филмови, а и во нејзината официјална програма доминира американскиот филм. Покрај Аронофски, на отворањето на полноќ ќе биде прикажана уште една американска продукција, жестоката криминална акција „Мачети“ на Роберт Родригез, додека за затворањето на 11 септември е одбрана драмата на Џули Тејмор „Бура“, уште една адаптација на познатата Шекспирова драма.

Во трка пет американски филма

„Црниот лебед“ е психолошки трилер, кој се фокусира на ривалитетот на две балерини од една балетска трупа во Њујорк. Овој филм полн со изненадувања и провокативни карактери го враќа Аронофски („Пи“, „Реквием за сонот“, „Фонтана“) во Венеција, каде што пред две години го освои „Златниот лав“ за филмот „Борач“, што го врати Мики Рурк на светската филмска сцена. „Црниот лебед“ е сосема поинаков филм од „Борач“, повеќе во стилот на неговите претходни филмови, но она што е интересно е дека и со овој филм Аронофски ќе се бори за „Златен лав“. Главните улоги во филмот ги играат: Натали Портман и Мила Кунис, потоа Барбара Херши, Винона Рајдер и Винсент Касел.

Во главната натпреварувачка програма во Венеција годинава се 23 филма, од кои дури пет се американски, по четири се италијански и француски, а од Азија доаѓаат три филма, два јапонски и еден кинески.

Освен Аронофски американскиот филм го претставуваат доста различни автори, и тоа: Софија Копола, која веќе освои „Оскар“ за сценарио за филмот „Загубени во преводот“, потоа актерот и режисер Винсент Гало, чии дела имаат доста контроверзен прием кај публиката, па независната и интригантна Кели Рајнхарт, се' до кралот на Б-продукцијата, Монте Хелман. Софија Копола се враќа со филмот „Некаде“, една приказна сместена во срцето на Холивуд, додека Винсент Гало со „Ветувања напишани на вода“ носи една апстрактна романтична сторија, во која има измешано многу работи, и убиства, и поезија и неизлечива болест. Кели Рајнхарт со филмот „Миковиот пократок пат“ се враќа во средината на 19 век во Орегон, додека Монте Хелман ќе се претстави со филмот „Патот за никаде“, кој го снимаше по пауза од цели 20 години.

Факт е дека годинава Венеција му ги зема на Кан новите филмови на многу интересни авторски имиња, меѓу кои се и Франсоа Озон и Џулијан Шнабел. Францускиот режисер Озон направи адаптација на театарската претстава „Потиш“, во која играат Кетрин Денев и Жерар Депардје. А контроверзниот Шнабел влезе во трката со француско-израелскиот филм „Мирал“, кој се навраќа на времето кога се создава државата Израел. Многу се зборува и за филмот на алжирскиот Французин Абделатиф Кешиш, кој во „Црна Венера“ ја раскажува вистинската приказна за една јужноафриканска робинка на почетокот на 19 век.

Со само еден филм годинава е застапена Јужна Америка, чилеанскиот „Посмртно“ на Пабло Лараин. По еден филм имаат и Русија, Германија и Полска односно, на Лидо се враќаат поранешните добитници, Том Тиквер со германскиот љубовен триаголник „Тројца“, а познатиот полски режисер Јежи Сколимовски со трилерот „Суштина на убивањето“, во кој главен лик е Мохамед, заробен во Авганистан, кој при транспортот ќе успее да и побегне на американската војска. Во филмот играат Винсент Гало и Емануел Сигнер.

Квентин Тарантино го предводи жирито



Она што годинава ја карактеризира Венеција е и присуството на доста автори и филмови со палп-ориентација. Тргнувајќи од „Мачети“ на Роберт Родригез и стриповската акција во конкуренција на јапонскиот автор Такеши Миике „13 убијци“ Тој ќе се претстави и надвор од конкуренција и со двата дела на „Зебра човек“, а тука се и кралот на Б-продукцијата, Монте Хелман и откачениот шпански режисер од поновата генерација Алекс де ла Иглесија, кој е вклучен во главната програма со апстрактната циркуска сторија „Балада на тажната труба“.

Овие „евтини приказни“ некако совршено се вклопуваат со годинешниот предводник на жирито Квентин Тарантино, што сепак наведува на заклучокот дека нивниот избор не е воопшто случаен. Тарантино досега не бил во главната програма во Венеција, но затоа во 2004 и во 2007 година беше поканет да ги презентира програмите посветени на италијанските кралеви на Б-продукцијата и на шпагети-вестерн филмовите. А преклани играше една од улогите во филмот на Такаши Миике „Сукијаки вестерн Џанго“. Покрај Тарантино во жирито годинава се и неговите колеги: Гилјермо Аријага од Мексико, Арно Деплешин од Франција и Габриеле Салваторес од Италија, како и американскиот композитор Дени Елфман.

Инаку, и добитникот на „Златен лав“ за животно дело оваа година доаѓа од Хонг Конг, но се работи за исклучителниот стилист и иноватор Џон Ву („Убиец“, „Подобро утре“, „Друго лице“, „Невозможна мисија 2“), на кого во Венеција ќе му биде направена голема посвета.

Од регионот, само Босна и Словенија



Годинава ќе се одржи и ретроспектива на италијанската комедија, како и програма посветена на големиот италијански актер Виторио Гасман, по повод 10-годишнината од неговата смрт. Многу интересни филмови се вклучени и во програмите „Надвор од конкуренција“ и „Хоризонти“. „Надвор од конкуренција“ ќе бидат прикажани исто така доста американски филмови, меѓу кои се новите дела на браќата-актери Бен и Кејси Афлек, потоа документарецот на Мартин Скорсезе посветен на Елија Казан, како и новото остварување на актерот Џон Туртуро, кој прави интересна посвета на познатите музичари и поети на 20 век во италијанската продукција „Страст“. Додека програмата „Хоризонти“, која ги носи новите трендови, ќе биде отворена со бунтовната и контроверзна француска режисерка Катрин Брелат и нејзината бајка за трите млади самовили, инспирирана од „Заспаната убавица“.

На крајот уште само да кажеме дека и оваа год��на во главната програма во Венеција нема многу филмови од овој регион. Единствено, во програмата „Венециски денови“, која ја иницираа независните филмаџии, е вклучен босанскиот филм на Данис Тановиќ „Циркус Колумбија“, во кој играат Мира Фурлан и Мики Манојловиќ. А интересно е дека во „Недела на критиката“, каде што од 200 филма е направен избор од седум, влезе и словенечкиот „Татко“ на Владо Шкафар. Атмосферата во овој филм организаторите ја споредуваат со делата на Тарковски и Сокуров.

Венецискиот фестивал е основан во далечната 1932 година, така што секое ново издание е дел од неговата долга историја, која континуирано се испишува и во 21 век. Денеска започнува нејзиното 67. издание, а што ќе донесе и кој годинава ќе се закити со престижниот „Златен лав“, што подоцна навистина ги отвора сите врати, останува да видиме.


#
Статијата е прочитана 552 пати.

Испрати коментар

Од: filmofilija
Датум: 01.09.2010 12:15:57
Можда ќе има некој филм од Венеција и на Манаки...

Најди! во Утрински
Насловна
Советничките функции во ВМРО-ДПМНЕ помили од директорските
Тиквешански
Фалшлив оптимизам за Евроскептицизмот
Заложничка драма во Битола
Остварен сонот да пее пред папата
Пиши ми СМС
Новаци заробено во прав и чад од РЕК „Битола“
Наместо лавови, потребни се лавовски реформи
Лозарите од Тиквешијата во паника
Татко и син изрешетени со пиштол во Струга
„Веро“ ги отвора вратите
Во убиството во Охрид учествувал и член на „пинк пантерите“
Карикатура
Вечните „маки“ на првиот училиштен ден
Магазин