Заложничка драма во Битола
Специјалци со часови се обидуваа да влезат во станот од каде што се слушнале истрели
БИТОЛА - Заложничка драма како на филм се случуваше вчера попладне во строгиот центар на Битола во станбениот блок „Грозд“. Според непотврдени информации, син со часови ги држеше родителите во заложништво, заканувајќи се дека ќе ги убие и дека ќе го запали станот. Од полицијата не изнесуваат детали околу случајот, информирајќи дека добиле пријава околу 13,30 часот оти се слушнале пет истрели од огнено оружје од станбениот блок во центарот на градот.
Според нашите информации, станува збор за истрели што се слушнале од стан на првиот кат каде што живее семејството Ангелевски од Битола, но што ��е случувало во семејниот дом и дали има жртви, до затворањето на весникот никој не можеше да потврди. Специјални единици од Скопје вчера со два полициски џипа пристигнаа во градот во попладневните часови, по што започна акцијата за влегување во станот, во никој не знаеше што ги очекува.
Преплашен и со солзи во очите, пред топлата новинари се појави и Митко Ангелески, помал брат на сопственикот на станот, Борче Ангелески. Тој раскажува дека со семејството на братот со години изгубил контакт и не знаел што се случува со нив. Се до ова попладне кога полицијата му се јавила и побарала помош од него за да се реши заложничката драма.
„Брат ми, внук ми и снаа ми пред десет години имаа тешка сообраќајна несреќа што им остави тешки психички последици. Оттогаш ги прекинавме контактите со целото семејство. Ниту сум бил кај нив ниту, пак, некој од фамилијата одржуваше контакти со нив“, со солзи во очите раскажува Митко Ангелески.
Соседите вознемирени и уплашени раскажуваат дека во станот од каде што се слушнале истрелите живеат Борче Ангелески, неговата сопруга Марија и 40-годишниот син Сашо, кои се повратници од Америка. Тие вчера околу 12,30 часот имале семејна расправија по што се слушнале силни врисоци, а потоа и силно тропање по инсталациите на парното греење. Но, откако ја повикале полицијата, која заѕвонила на нивната врата, од станот се слушнале пет истрели, најверојатно, од огнено оружје.
Соседите велат дека повеќе од десет години се жртви на малтретирањето од нивните соседи. Велат дека синот пред десетина години во Америка доживеал сообраќајна несреќа и оттогаш бил со нарушено здравје, па постојано ги малтретирал своите родители. Соседите во неколку наврати повикувале социјални служби со цел соодветно да се згрижи момчето, но ниту службениците од Центарот за социјални работи во Битола не успеале да го сместат во соодветна институција.
Силно полициско обезбедување, специјалци, пожарникари, лекари на Брза помош вчера со часови беа на готовс откако полицијата била информирана за истрелите што се слушнале од станот. „Специјалците од Скопје се испратени како помош, со цел успешно да се заврши акцијата и да нема никакви несакани последици“, информираат извори од МВР.
Драмата траеше со часови во населбата „Грозд“. Полицијата ја затвори улицата „Никола Тесла“ во Битола и постојано се обидуваше да ги оттргне насобраните граѓани од зградата, од која станарите во паника и вознемирени ги напуштаа своите домови. Некои зборуваа дека има жртва во станот, но тоа не можеше да го потврди ниту полицијата. (А.Б.)
|