Комерцијална повлече нога и ги намали каматите
Падот на каматите се движи од 0,5 до еден отсто, а најмногу ќе поевтинат автомобилските и туристичките кредити
Комерцијална банка прва од банките повлече нога и ги намали каматите и на кредитите и на депозитите. За банкарските заеми падот на каматите се движи од 0,5 до еден отсто, а најмногу ќе поевтинат автомобилските и туристичките кредити. „Намалувањето на каматните стапки кај кредитите за физички лица се движи од 0,5 до еден процентен поен, во зависност од видот кредитен производ. Каматите на потрошувачките кредити одобрени по 16 мај годинава ќе се намалат за 0,5 процентни поени, кај денарските станбени и ненаменски хипотекарни кредити за 0,5 процентни поени, а кај автомобилските кредити обезбедени со жиранти или залог на возило за 0,5 процентни поени. Автомобилските кредити обезбедени со хипотека на недвижен имот поевтинуваат за еден процентен поен, исто колку и туристичките кредити“, е наведено во соопштението од Комерцијална банка.
За поевтини заеми граѓаните ќе може да аплицираат од 16 мај, додека за фирмите намалувањето важи од 1 мај. „Намалување ќе има до еден процентен поен на каматните стапки за сите постојни денарски кредити, како и на сите новоодобрени кредити на правни лица. Постојните кредити на правните лица одобрени до 1 мај годинава ќе бидат намалени за 0,5 процентни поени, а толку ќе бидат намалени и каматните стапки на кредитите што се обезбедени со хипотека од прв ред од минимум 120 отсто, што беа намалени на почетокот од годинава“, информираат од Комерцијална банка.
Намалувањето на каматата на штедните влогови се движи во рамките од 0,1 па до 1,2 отсто. „Почнувајќи од 1 мај годинава ќе се намалат каматните стапки на позитивното салдо на тековните сметки за 0,2 процентни поени, на денарските штедни влогови по видување за 0,3 процентни поени, на орочените од 0,7 до 1,2 процентни поени, на девизните штедни влогови во евра по видување за 0,2 процентни поени и на орочените во евра од 0,1 до 0,3 процентни поени. Исто така, ќе се изврши соодветно намалување на каматните стапки на орочените депозити на правни лица“, велат од банката.
Инаку, Народна банка на Македонија уште пред еден месец третпат ја намали основната камата, на 6,5 отсто. Од Комерцијална банка велат дека и тие, соодветно на намалувањето на каматата на благајничките записи, третпат ги поевтинуваат кредитите во рок од неколку месеци. Од банката, сепак, велат дека намалувањето на каматните стапки на кредитите би било уште повеќе поттикнато, ако дојде и до намалување на стапката на задолжителна резерва од страна на Н��М. (С.М.) |