Керим: Иднината е во мултилатерализмот
Претседателот на Генералното собрание Срѓан Керим вчера имаше обраќање на заедничката седница на комитетите за надворешни работи на Долниот дом и Сенатот на Италија на која зборуваше за приоритетите на светската организација. Тој, меѓу другото, рече дека „ефективниот мултилатерализам е неопходен за унапредување на меѓународните односи. Обединетите нации треба да одиграат клучна улога во тој поглед“.
„За време на 62-та сесија на Генералното собрание, нашата работна програма беше одраз на широк консензус меѓу земјите-членки на ОН за клучните стратегиски предизвици со кои се соочуваме во 21 век, а во исто време се справуваме со прашањата како што се појавуваат.
Повеќе од кога и да е порано, станавме посамоуверени и почувствителни еден на друг, каде и да живееме на планетата. Тоа не е привремена состојба на работите, туку постојана - меѓусебно зависен свет на споделени судбини, каде што појавените предизвици во еден дел од светот можат брзо да влијаат на стабилноста на друг.
Продлабочувањето на нашата мултилатерална соработка е во интерес на секоја земја. Тоа е причината зошто еден од моите клучни приоритети е силно Генерално собрание подготвено да донесува смели одлуки во интерес на сите. И причина зошто се обидов да ја обновам нашата доверба и верување еден во друг, нашите заеднички вредности и судбината. За да се постигне тоа, сите имаме одговорност да бараме компромиси и да тежнееме да изградиме нова култура на меѓународни односи, што е одраз на меѓусебно поврзаната природа на проблемите со кои се соочуваме“, нагласи Срѓан Керим во своето обраќање. (Д.Р.) |