Велјановски ќе ги изгради куполите на Собранието
Новиот спикер е оптимист дека реконструкцијата ќе биде завршена за една година
Новиот претседател на парламентот, Трајко Велјановски, има сериозна намера да ја истурка докрај идејата на неговиот претходник Љубиша Георгиевски за изградба на три куполи на Собранието- една централна и две странични. Велјановски е оптимист дека реконструкцијата на собраниската зграда ќе почне наскоро и ќе биде целосно завршена најдоцна за една година. Со тоа, според неговите очекувања, конечно ќе се решат просторните проблеми во парламентот, со кои се соочуваат и пратениците и службите.
Ваквите надежи спикерот ги искажа на неформална средба со новинарите, при што спомна дека за реализацијата на целиот проект ја има поддршката од мандатарот Никола Груевски. Според Велјановски, пратениците немаат никакви услови за работа во Собранието. „Канцеларии и компјутери имаат само претседателите на комисиите. Затоа, сега е вистинска турканица за претседатели на комисии“, вели тој.
Надградбата на собраниската зграда, што е изградена во 1938 година и претставува споменик на културата од прва категорија, е една од првите работи со кои се зафати минатиот собраниски состав. На крајот од 2006 година беше донесена одлука за утврдување на потребата и постапката за изведување на реконструкцијата на парламентот, зад која застанаа сите пратенички групи. Беше формирана и Комисијата за реализација на надградбата, но минатата година, не сакајќи да учествуваат во нарушувањето на автентичен лик на парламентот, од Комисијата си заминаа: Снежана Герасимовска-Матевска од Управата за заштита на културното наследство, Кокан Грчев од Асоцијацијата на архитекти на Македонија и тројцата пратеници од опозицијата: Влатко Серафимовски, Роза Топузова-Каревска и Агрон Буџаку. Бидејќи ниту еден од архитектите во ААМ не сакаше да учествува во спомнатата Комисија, парламентарното мнозинство пред новогодишните празници изгласа промена на одлуката за состав на Комисијата.
Со спомнатата корекција на одлуката се овозможи во Комисијата да учествува и претставник на Здружението на архитекти на Скопје, чиј претседател е Вангел Божиновски. Божиновски е, исто така, член на Комисијата за реализација на реконструкцијата на собраниската зграда, каде што членуваат и пратениците Горан Петров од ВМРО-ДПМНЕ и Бесим Догани од ДПА. Потоа, Собранието за членови на Комисијата за надградба на парламентот ги избра архитектот Јован Стефановски-Жан од Здружението на архитекти на Скопје и директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман.
Управата за заштита на културното наследство во почетокот имаше негативно мислење во однос на реконструкцијата на собраниската зграда. Потоа, нејзиниот директор Кузман ретерираше и излезе со мислење дека Собранието може да се надградува со уште еден кат и рамен покрив, кој не треба да го зафати надворешниот габарит на зградата и да биде вовлечен во внатрешноста на објектот. (О.В.) |