Ќе се прослави ли Илинден без скандали?
Се' уште не се знае како ќе се одбележи годишнината од Илинденското востание и од Првото заседание на АСНОМ
Оливера Војновска
Неизвесно е дали годинава прославата на Денот на Републиката - 2 Август на Мечкин Камен во Крушево и на Пелинце ќе мине без проблеми или ќе се повторат скандалите и обвинувањата меѓу власта и опозицијата на кои барем досега не останаа имуни ниту претседателот ниту премиерот. Се' уште не се знае како ќе биде организирано одбележувањето на двата Илиндена - годишнината од Илинденското востание и од Првото заседание на АСНОМ, дали и каде ќе се обратат претседателот на државата, премиерот или парламентарниот спикер. Исто така, непознато е дали Собранието ќе одржи свечена седница по овој повод.
Парламентот што се самораспушти не усвои програма за одбележување значајни настани и годишнини, бидејќи не функционираше Комисијата за култура со која раководеше Теута Арифи од ДУИ. Минатата година за да се премости ситуацијата целата организација ја презеде Владата. Сепак, јавноста беше сведок на скандалот со проблематизирањето на директниот пренос на МРТВ од свеченоста во меморијалниот центар „Пелинце“, каде што говореше шефот на државата Бранко Црвенковски. До последен момент не се знаеше дали Владата ќе префрли пари за свеченоста (која владиниот портпарол ја нарече герилска прослава), или Црвенковски средствата ќе ги обезбеди преку спонзори.
Од Владата сега велат дека ќе почекаат да се формираат новите собраниски тела, вклучувајќи ја и надлежната Комисија за култура. Постапката, пак, за основање на овие тела во Собранието е во фаза на договарање. Власта и опозицијата начелно се согласија во каков сооднос ќе ги поделат соб��аниските комисии, но се' уште не се знае со кои комисии ќе раководат опозиционерите, а со кои владејачката партија. Практиката покажала дека е потребно најмалку два месеца за Комисијата за култура да утврди програма за одбележување вакви настани.
Инаку, според направениот план, со 11 собраниски комисии треба да раководи победничката коалиција, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, пет добива „Сонце - коалицијата за Европа“, три ДУИ и две ДПА. СДСМ допрва треба да се договори со ЛДП која комисија би ја добиле тие, со оглед на тоа што имаат четири пратеници и заедно со Ѓорѓи Оровчанец од Нова алтернатива формираа пратеничка група.
Во Собранието функционираат вкупно 20 комисии, плус Комитетот за односи меѓу заедниците. Според Деловникот, опозицијата раководи со Комисијата за финансирање и буџет, Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, со Комисијата за надзор на работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, како и со Комисијата за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи и од Министерството за одбрана. Во минатиот собраниски состав опозицијата ги имаше и комисиите за здравство, за култура, за труд и социјална политика, за образование, за транспорт и врски. Установена практика е со Уставната комисија да претседава првиот парламентарец, освен во минатиот состав кога со неа раководеше либералот Стојан Андов. |