Балканското соѕвездие на Томе Серафимовски
(Кон изложбата на скулптури и цртежи „Балканско соѕвездие“ на академик Томе Серафимовски, Ликовен салон МАНУ)
Академик Георги Старделов
Ѕвездите од „Балканското соѕвездие“ на акад. Томе Серафимовски треперат и блескаат на балканското небо веќе две илјади години - од првиот до дваесеттиот век по Христа. Тоа почнува со првата ѕвезда Деница, св. Лидија од Македонија, која прва се покрстила и го примила христијанството лично од св. апостол Павле (51/52), а завршува со последната ѕвезда Алдебаран, Мајка Тереза, беатифицирана како блажена Тереза од Калкута, од папата Јован Павле II. Тие две големи ѕвезди светици го заокружуваат „Балканското соѕвездие“ на Томе Серафимовски откривајќи го денес толку наклеветениот Балкан, како еден од најважните културни простори на Европа, на кој се изродиле и се развивале нејзините древни култури и цивилизации. Тука, на Балканскиот Полуостров, таа дала големи умови што го возвишиле Балканот како прва Европа. Тие великани биле бележити и ѕвездоподобни светители, длабокоумни мислители, просветители и поети, мудри и храбри војсководци, владетели и реформатори, творци на нови писма и на нови јазици на кои народите на овие простори ги слушале Божјите пораки и, разбирајќи ги, на своите јазици, почнале да говорат, да пеат и да тагуваат на нив. Сите тие балкански големци со кои сме опкружени вечерва граделе епохи и биле луѓе на епохи. Се прашував: што го понело нашиот познат скулптор да го создава ова свое величаво соѕвездие токму во овој временски час? Одговорот го најдов во една мисла на Мирослав Крлежа од неговиот есеј „Балкански импресии“ (1924), „посветен на Коста Новаковиќ кој седи невин во затворот поради својот став за Македонија“, објавен во книгата „Македонија на Македонците“ (1922). По тој повод, Мирослав Крлежа, таа незгаслива блескотна ѕвезда од „Балканското соѕвездие“ на акад. Томе Серафимовски, ќе напише: „Денес, повеќе од кога и да е, на Балканот треба да се гледа интегрално. Повеќе од кога и да е, треба да се верува во балканското единство за спас на нашите души и на оние невини жртви кои секојдневно гинат по клисурите и по планините балкански...“
Таа идеја водилка акад. Томе Серафимовски ја зема како мото во вајањето и во создавањето на своето соѕвездие од 24 личности, претставени во 59 скулптури и на 19 избрани цртежи. Сега е јасно дека, што се однесува до неговата вајарска филозофија, неговиот conspectus generalis е крлежијански, односно интегралистички. Токму низ таа филозофска димензија тој го обликува своето „Балканско соѕвездие“. И тоа не е нешто радикално ново што го создава тој во овој свој творечки циклус. Сиот негов вајарски опус магнум е вајање и обликување во камен на личности и ликови во кои се сосредоточил вознесот на човековата духовна истрајба на нашиве простори. Тоа што тој го создава е вајање на историската балканска меморија преку најзначајните угледници, трајно запаметени во бронза, во мермер, во цртеж. Соочен со некои мрачни идеи на познатите империјални и хегемонистички налети, што не биле ретки на овие простори, т.е. со закоравените национализми вкоренети по балканските дувла што ги саскаа народите едни против други, Серафимовски, во своето „Балканско соѕвездие“, обликува едно ново видување на Балканот. Тој, во една историска генеза, го открива Балканот како земја на умот и на духот. Затоа сите ѕвезди од неговото „Балканско соѕвездие“ не се гледаат себеси осамени, а најмалку сопоставени едни на други, туку како ѕвезди на една иста галаксија, како ѕвезди во исто соѕвездие, меѓусебно проникнати со својот ум и со својот дух. Тие се ѕвезди на една магистрална акција и мисија во која нема ни трага од познатите балкански атавизми што биле и протатнале, како воопшто во уметноста така и во думаните на времето.
„Балканското соѕвездие“ на акад. Томе Серафимовски го доживувам како низа творечки присеќавања и согледби, излеани во бронза и обликувани во мермер, на големите балкански великани од кои еманираат пресвртнички откритија и остварувања. Во секој негов портрет во бронза, иако невидлив, се насетува еден меѓусебен дијалог, една чудесна средба меѓу големите ѕвезди во „Соѕвездието“.
Како скулптура, секоја од нив е самостојна, исклучителна и единствена, но не и осамена, туку проникната со другите и, како такви, сите тие навистина блескаат како соѕвездие.
Акад. Томе Серафимовски е вкоренет, творец од антејски ков, длабоко нурнат во балканските историски светови. Како балкански Антеј, тој гради своја автохтона естетска стратегија и поетика. Неа, пак, ја создаваше наспроти модернистичката митологија, иако овој скулптор никогаш не бил резервиран кон новото, кон иновацијата, кон експериментот, но само ако тие биле проникнати низ него. Тој, од авангардата, ги користи новите искуства и придобивките од кубизмот и од експресионизмот избегнувајќи ја притоа авангардистичката ексклузивност. Но, за сметка на тоа, тој оствари естетски релевантни иновации во поетиката на фигуративната пластика и, во таа смисла, остана верен и доследен на себеси, на својата творечка априорна природа, настојувајќи никогаш да не ја изневери неа. Како автохтон творец, тој создаде цела редица портрети на луѓе што излегуваат од историјата и не' внесуваат во неа, во тој чудесен и тајновит свет, распнат меѓу земјата и небесата. Секоја личност во „Балканското соѕвездие“ поседува своја вредност, всушност, различна од вредноста на другиот. Така тој успеа од своите портрети во бронза да извлече една друга скулптура која ја нарекувам скулптура медитација, т.е. скулптура која ја ваја мислата, идејата, душата и нејзините внатрешни немири и конвулзии. Речено е: окото е огледало на душата. Ако се задлабочиме во портретите на овие 24 личности од „Балканското соѕвездие“ ќе забележиме една посебна димензија на неговата скулптура, сосредоточена во вајањето на очите при профилирањето на ликот. Кај Серафимовски, драмата на неговата скулптура е во драмата и драматиката, во експресијата и експресивноста на очите во обликувањето на човековиот лик. Така како што се извајани очите кај него, такви не можат да се видат кај друг скулптор. Во очите на портретот во неговата скулптура, како да се населиле цели небески пространства. Иако скулпторската поетика на овој скулптор се базира на веристичкиот израз т.е. во настојувањето да се изрази вистината, тој не го ваја човечкото око во неговата природна анатомска форма, туку во повеќето портрети дури и го деформира за да го преформира и да го транспонира за вгледување во недогледните далечини и неопфатните длабочини т.е. до согледбите на големите тајни и неизвесности на човечкото постоење во овој видлив а невидлив, трошен и тлеен свет. Многу укажувачки детали на неговата скулптура се посебно забележливи во обликувањето на очите, на пример, во портретите на Вук Караџиќ, на Крлежа, на Ѓорѓија Пулевски, на Његош, на Скендер-бег итн. Доживелиците на неговите портрети во критиката најчесто се восприемани како целина, така што малку внимание му се обраќало на деталот во кој, пак, доаѓа до израз една восхитувачка перфекција во обработката на скулпторската форма. Е, тоа особено го видов во обликувањето во скулптурата, зашто само во неа окото, како внатрешно око, како внатрешно вгледување, гледа дури и кога му е ископана зеницата навевајќи ни во таквите очи далечни асоцијации на темнините што се надвиснувале над балканската судбина. Во случајот на портретите на акад. Серафимовски, тие очи, дури и кога се извајани или обликувани во мермер како да се ископани, всушност, ги отвораат нашите очи за да го видиме со нив човековиот бескрај.
Акад. Томе Серафимовски, со својот целокупен опус, ме потсети на познатиот антички филозоф Антистен, основоположникот на киничката школа. И тој, како и спомнатиот филозоф, на прашањето што треба човекот најпрвин да научи, со скулптурите во своето соѕвездие како да одговара: „Да го спречи заборавот!“ |