Жарко Луковски: Читам стручна литература, но сакам и класици
Дневната агенда на обврски во последно време не ми дозволува да се посветам многу на читање книги. Од друга страна, пак, мојата професија и позиција очекуваат од мене постојана стручна надградба. Затоа, најчесто во фокусот на мојот интерес е специјализираната литература од областа на информатичката технологија, при што се разбира ги следам сите светски случувања во динамичната телекомуникациска област.
Сепак, кога станува збор за авторски дела, најмногу сакам да читам класици. Уживам во делата на Ерих Марија Ремарк. Знам со задоволство да се навратам на неговиот роман „На Запад ништо ново“, ремек-дело што се смета за најдобрите воени романи на сите времиња. Тоа е роман за човековата изопаченост, за страдањето, за немоќта на човекот да го брани својот идентитет, но истовремено тоа е и длабоко хуман роман со трагична визија на човекот зафатен со војна. Освен овој роман, ми се допаѓаат и останатите негови дела, како што се „Триумфалната порта“ и „Искра на животот“.
§ припаѓам на генерацијата што зрееше со делата на Маркез, Буковски, Хенри Милер, па и Хесе. Се разбира, од другите светски писатели-класици ги почитувам Достоевски и Маркез, овековечени во светската антологија со „Идиот’’ и „Сто години самотија“. |