Протест на акционери од „Микрогранулат“ во Гостивар
ГОСТИВАР - Поради недоставување судска пресуда на Апелациониот суд во Гостивар, шеесетина акционери на АД „Микрогранулат“ од Гостивар мирно протестираа пред судската зграда.
„Судскиот совет на Апелациониот суд - Гостивар на 6 ноември ја потврдил пресудата на Основниот суд - Гостивар. Со тоа на 62 акционери кои имаат 37 отсто од акциите на АД ’Микрогранулат‘, а на незаконски начин им беа земени од Младен Бошкоски, им се враќаат. Со тоа по седум години правдата е задоволена“, изјави Мурат Умрли, акционер на „Микрогранулат“.
Делегација на акционерите десетина дена бара прием кај претседателот на Апелациониот суд - Гостивар за да се информираат зошто не им се доставува пресудата.
„Завчера неколкумина акционери насила влегоа во кабинетот на претседателот на Апелациониот суд во Гостивар. Тој не сакаше да разговара“, разочарано вели Умрли.
Претседателот на гостиварска Апелација побегна во Скопје, а денеска повторно ќе се обидеме да воспоставиме контакт, со милост или сосила, зависи од него. Во спротивно, заедно со семејствата ќе ја блокираме Апелација, категорични беа акционерите.
„Корупцијата во судството е најголемата пречка работниците да ги остварат своите права“, нагласи акционерот Делче Мерџановски. Според него, Младен Бошкоски со години е заштитуван од високи функционери, од судии и други влијателни партиски личности.
„Поинаку и не може да се толкува. Седум години да водиме судски спор и се' уште да не можеме да го оствариме нашето право, да ги вратиме акциите кои незаконски ги присвои Бошкоски“.
Во целиот овој период, додава Мерџаноски, никој од акционерите не доби дивиденда, а тој ни должи и поголема сума средства за неисплатени плати и придонеси. (К.К.)
|