ПЕЛАГОНИЈА
Ниту денар отштета за пожарот во Битола
БИТОЛА - И по една и пол година од големиот пожар во Битола, сопствениците чии имоти настрадаа во огнената стихија не добиле ниту денар отштета. Проблемот добива политичка димензија, а локалната власт ја префрла топката на Владата. Станува збор за седумдесетина битолчани, најголемиот број од потпелистерските села Братиндол и Раштани, чии викендички, лозја, овоштарници и пчеларници ги проголта огнот.
Во големиот пожар во Битолско ланското лето во неповрат отидоа повеќе од 3.500 хектари шума и обработливо земјиште.
Според Комисијата за процена на штетите од пожарите, на овие сопственици треба да им бидат поделени повеќе од 50.000 евра. Иако извештаите се изготвени уште во декември 2007 година, само неколку месеци по големиот пожар во Битолско, обесштетувањето никако да почне.
Димче Јошевски, раководител на Дирекцијата за заштита и спасување од Битола и претседател на Комисијата за процена на штетите, вели дека засегнатите граѓани веќе се закануваат со тужби. (А.Б.) |