Се бара отворање на студентското радио
Група студенти вчера протестираа пред Ректоратот на Скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“, барајќи повторно да се отвори Студентското радио. Затворањето на радиото од страна на Ректоратот тие го оценија како „директна атака врз правото на говор на студентите“. Ректорот Велимир Стојановски вели дека радиото е ставено во мирување поради тоа што само за девет месеци биле потрошени 50 илјади евра за хонорари на студентите што работеле во радиото. „Овде побудите се други. Не станува збор ниту за вежбање ниту за практикување некаква настава, туку за нешто друго. Каде сте виделе практика на студенти и уште да им се плати за тоа?“, прашува ректорот. Во радиото, според него, работеле 22 студенти ангажирани за време на неговиот претходник Мартиновски и сите добивале хонорари, а им биле платени и сметките за мобилни телефони. (Ж.Х.З.) |