Дали ќе куртули од разрешување директорката на Пулмологија?

Притисок да не и' се испорача решението на д-р Димитревска бил од пратеници од ВМРО-ДПМНЕ
Решението за разрешување на в.д. директорката на Клиниката за пулмологија, д-р Деска Димитриевска, што го донесе министерот за здравство Бујар Османи, откако се констатира незаконско трошење на спонзорски средства од касата на клиниката, вчера имало обиди да се стопира. Притисокот да не и' се врачи решението на д-р Димитревска, како што неофицијално дознаваме од партиски извори, доаѓал од одредени пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, поточно од одреден претставник во ова партија кој е во роднински врски со лекар кој работи на Клиниката за пулмологија. Се барало решението за разрешување на директорката Димитриевска да се повлече, или во крајна линија да се стопира, велат извори од ВМРО- ДПМНЕ , бидејќи било донесено многу брзо и се инсистирало случајот да се провери уште еднаш.
Во Министерството за здравство, пак, се категорични дека нема повлекување на решението за разрешување на д-р Димитриевска, посебно што се утврдени неправилности во трошење пари од клиничката каса. И покрај ваквото тврдење, д-р Димитриевска вчера попладне ни изјави дека се' уште не го добила решението за разрешување.
Од Министерството тврдат дека не се пишманат за разрешувањето, и дека прашање е време кога решението ќе и' се врачи на д-р Димитриевска.
„Не е точно дека решението за разрешување е повлечено“, вчера ни изјави министерот за здравство, Бујар Османи. Но, тој не сакаше да коментира дали врз него и неговата партија имало притисоци од коалицискиот партнер, сепак, да размисли за разрешувањето на д-р Димитриевска.
Првиот лекар во државата се одлучи да ја смени д-р Димитриевска од в.д. директор на Клиниката за пулмологија откако и��спекцијата утврди неправилности околу спонзорските средства наменети за организирање конгрес. Овие пари Организациониот одбор си ги поделил процентуално според правилник што бил донесен десет дена по завршување на конгресот. Претседателот на одборот, кој наедно е в.д. директор на Клиниката, добил 200 илјади денари, копретседателите по 100 илјади, а членовите на одборот од 20 до 40 илјади денари. Д-р Димитриевска тврдеше дека парите биле заслужени и заработени средства на членовите на Организациониот одбор.
Покрај тоа што ќе се разреши директорката, министерот рече дека ќе се бара да се вратат парите на сметка на буџетот на клиниката. (Ј.Ј.) |