Револуционерна естетика на МОТ
Од 18 до 27 септември во Скопје гостуваат девет странски и шест домашни претстави кои ја одразуваат сржта на современиот театар
Лилјана Митевска
Фестивалот посветен на инвентивниот, експериментален, современ театарски израз - МОТ, кој оваа година, по 33 пат, ќе се одржи од 18 до 27 септември донесува серија на провокативни, револуционерни и смели естетики кои и оваа есен ќе ја обојат со живост и театарска возбуда. Во Скопје ќе гостуваат 9 странски театарски продукции и шест домашни претстави. Покрај најдоброто од домашната продукција, македонската публика ќе може да види претстави од Црна Гора, Белгија, Чешка, Словенија, Русија, Италија, Швајцарија и Србија.
Отворањето е со „Малограѓанска сведба“ од Брехт, во режија на Едвард Милер, на Црногорско народно позориште, една радикална и храбра претстава која претставува прецизна вивисекција на малограѓанскиот дух со елементи на апсурдна драматургија. Како што информираат организаторите, веќе е договорено фестивалот да го прогласи за отворен министерката за култура, Елизабета Канчевска Милевска, а на отворањето ќе присуствува и Црногорскиот министер за култура, Бранислав Миќуновиќ, инаку поранешен директор на националниот театар на Црна Гора. Треба да се напомене дека оваа година на фестивалот се поканети десеттина директори на фестивали, претежно од соседството, кои на МОТ ќе можат да се запознаат со македонската театарска продукција, со што фестивалот добива и функција на берза на домашните претстави. Додатен куриозитет е фактот што годинешниот селектор на интернационалните проекти на МОТ е истакнатиот театарски продуцент и директор на реномираниот фестивал „Експонто“ во Словенија, Дамир Домитрович – Кос. Мотото околу кое орбитираат претставите во неговата селекција е „Мојот мал свет“, бидејќи како што вели Кос „заедно со уметноста ги бараме моралните вредности, чепкаме низ ѓубрето на човечката искреност барајќи некаква ’човечност’, и тогаш кога после претставата, ќе отидеме или побегнеме самите во себе, завршуваме во својот мал свет“. Поточно, селектираните театарски продукции во својата идеја работат на фундаментите на човековите емоции, фобиите, ние-светот и интимата на човекот.
Покрај претставата на отварањето, до крајот на фестивалското издание гостуваат: „Баладата за Рики и Рони“ на „Нид компани“ од Белгија, „Sclavi: песната на емигрантите“ на познатата чешка трупа „Фарма во пештера“ која е редовен гостин на најпознатите европски фестивали, „Вива Верди“, радикалниот сценски проект на словенечката трупа „Виа негатива“ кој се занимава со кршење на сите современи морални норми кои ја притискаат индивидуата, понатаму „Господин Кармен“ на театарот „Акхе“ од Русија кој се з��нимава исклучиво со експериментална естетика за кој досега е награден со неколку „Златни маски“, престижната руска театарска награда, понатаму „Пасијата на тројанската жена“ на театарот „Кореја“ од Италија кој работи по принципите на Еуџенио Барба, „Случаен“ на театарот „Плазма“ од Швајцарија, хибридниот мултимедијален проект „Чарнин пој“ на „Културмобил“ од Белград, прогласен за најдобар на овогодишниот „Белеф“, како и пиротехничкиот спектакл за затворањето на МОТ, во рамките на „Белата ноќ“, насловен како „Да, и водата гори!“.
Македонската театарска продукција е резервирана за 25 и 26 септември. Шесте домашни проекти, во селекција на актерот Висар Вишка, кои по својата театарска естетика се најблиску тематските определби на овогодишниот МОТ се: „Да се заборави Херострат“ на Велешкиот театар, „Обѕрни се во гневот“ на Битолскиот театар, „Коза“ на Драмски театар, „Бегалка“ на Штипски театар, „Роналд кловнот од Мекдоналдс“ на Кумановскиот театар и премиерата на „Мара/Сад“ на МНТ.
Покрај главната програма, оваа година на МОТ ќе бидат реализирани повеќе предавања и презентации со посебен акцент на новите театарски тенденции и начините на аплицирање во европските културни фондови. Во рамките на програмата „Ѕвездите што не згаснуваат“, посветена на одбележување ан значајни личности и датуму од македонската театарска историја, ќе биде одбележана првата професионална претстава „Принцезата и просјакот“ на Драмски театар, а во рамките на програмата „Ѕвездите што доаѓаат“ тројца млади македонски режисери десет дена ќе работат на „ММЕ... “ на Дејан Дуковски, создавајќи секој по две сцени од комплетната претстава.
Новитет во ова издание е и отпочнувањето на копродукциски проекти со странски театарски колективи и фестивали. Првата од трите најавени копродукции е „Јулие Цезар“ од Шекспир во режија на Џон Блондел, која се работи со македонски и американски актери ,а чија премиера е закажана за 18 октомври во рамките на Шекспировиот фестивал во Санта Барбара во САД, по што ќе гостува во Полска, Финска и кај нас на следното издание на МОТ. Инаку, реализацијата на копродуцентската претстава со Ема Данте, чија претстава победи на минатиот МОТ, поради веќе договорените обврски на режисерката, е поместена во наредниот период.
И оваа година ќе биде доделена една награда од критиката за најдобра претстава на фестивалот. За наградата конкурираат само претставите од странска продукција.
Буџетот на фестивалот, оваа година изнесува 4,5 милиони денари, од кои 3,5 милиони денари обезбеди Министерството за култура, а 1 милион градот Скопје. Билетите за сите претстави се 100 денари, блок билет за сите претстави е 600 денари, а само цената за претставата на отворањето е 300 денари. |