Чеченци пукаат во центарот на Москва

Пресметките на водачите на скараните племенски кланови од Чеченија се преселија во главниот град
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Иако војната во Чеченија одамна заврши, пресметките на водачите на скараните племенски кланови се преселија во главниот град на Русија. Во центарот на Москва, недалеку од зградата на руската влада и Министерството за надворешни работи, во средата навечер беше убиен поранешниот член на Думата и водач на еден од најмоќните чеченски кланови, Руслан Јамадаев (46). Врз него пукаше платен убиец кога „мерцедесот 600“ што го возеше Јамадаев застана на семафор. Од автомобил излета човек и отвори оган на Јамадаев, а притоа беше тешко ранет и неговиот пријател, рускиот генерал-лајтнант, поранешниот командант на Чеченија, Сергеј Кизјун. Генералот е ранет во рамото и во градите. Подоцна полицијата пронајде десет чаури со калибар девет милиметри. Иако полицијата веднаш прогласи план „Вулкан“, убиецот досега не е пронајден.
Браќата Јамадаеви се заколнати непријатели на актуелниот претседател на Чеченија, Рамзан Кадиров. Полицијата засега разгледува две верзии на убиството. Според едната, Јамадаев е жртва на пресметки на водачите на племенските чеченски кланови, а според другата, би можеле да го ликвидираат конкурентите, бидејќи е сопственик на неколку коцкарници во Москва.
Браќата Јамадаеви во деведесеттите години беа на страната на сепаратистите кои ги предводеше генерал Жохар Дудаев. Сулим и Руслан Јамадаеви имаа чин бригаден генерал во чеченската војска. Посебно голем авторитет имаа во реонот на градот Гудермес.
Кога започна антитерористичката операција во 1999 година, браќата Јамадаеви без истрелан куршум и' го предадоа Гудермес на руската војска. На страната на руската војска преминаа не само браќата туку и нивните војници. Затоа Јамадаеви добија високи чинови во руската војска. Станаа заменици на воениот командант на Чеченија, Сергеј Кизјун.
Руслан стана член на Думата во 2003 година. Оттогаш живееше во Москва. Братот Сулим остана во Чеченија каде што беше командант на баталјонот „Исток“, директно под команда на руската воена разузнавачка служба. Во 2005 година, Сулим доби орден Херој за заслуги за чистењето на Чеченија од терористи. Претходно орден Херој доби и неговиот постар брат, Џабраил.
Јамадаеви се осилија па помладиот брат Бадруди во 2006 година беше осуден за обид за убиство на заменик главниот санитарен лекар на Москва. Наместо да биде в затвор, тој под чудни околности, беше префрлен во Чеченија каде што се водеше како војник на баталјонот „Исток“.
Во април годинава Бадруди испровоцира оружен конфликт со телохранителите на претседателот Рамзан Кадиров. Недалеку од градот Гудермес тие го блокираа патот на претседателската колона. Спорот едвај се реши, но подоцна против Бадруди Јамадаев беше поведена кривична постапка. За убиството кое го изврши кон крајот на 90-тите години во Чеченија, кривичната постапка е обновена. Претседателот Кадиров јавно изјави дека ќе го уапси и казни. Во август беше објавена информација дека браќата Јамадаеви биле во Грузија каде што со баталјонот „Исток“ се бореле против Грузијците.
Убиениот Руслан Јамадаев можеше да влезе во многу кабинети на политичарите во Москва, па така ги заштитуваше своите браќа. Со неговото убиство на ред ќе дојдат и другите роднини. Но, ниту тие не се јагниња, па конкурентите мораат да мислат за своите животи. Во сево ова најлошо е што нивните пресметки се преселуваат на московските улици, каде што можат да настрадаат и невини луѓе. |