Студена средба на Рајс и Лавров во Њујорк

Рајс лично му кажала на Лавров дека нападот врз Грузија бил грешка
ЊУЈОРК - Американскиот државен секретар, Кондолиза Рајс, во средата му посочи на рускиот министер за надворешни работи дека нападот врз Грузија, што се случи минатиот месец, беше голема грешка и и' нанесе штета на нејзината репутација на меѓународната сцена. Во напнатата, но љубезна средба, прва таква по кризата во Грузија, Рајс имаше „темелна размена на мислења“ со министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави заменик-државниот секретар за европски прашања, Даниел Фрид. „Несогласувањата беа доста јасни“, рече Фрид, кој присуствуваше на средбата со Рајс во хотел во Њујорк. „Меѓутоа, немаше бурни реакции. Двајцата министри се професионалци“, додаде тој.
Фрид изјави дека Рајс, исто така, му рекла на Лавров дека руското признавање на отцепените грузиски региони Јужна Осетија и Абхазија е грешка, „и тоа многу сериозна“. „Рајс рече Русија нема значајна меѓународна поддршка и Русија си создаде сериозни проблеми“, додаде Фрид. Тој посочи дека Лавров одговорил со „познатите руски ставови“ на жестоката критика од Рајс.
Говорејќи подоцна пред Советот за надворешни односи во Њујорк, Лавров стави јасно до знаење дека Москва не се чувствува изолирана, но укажа со заладување на односите со Вашингтон, особено околу неговите планови за поставување на ракетен штит. „Ние повремено чувствуваме непријателска политика спрема нас“, изјави Лавров. Рајс и Лавров само трипати се сретнаа откако избувна кризата во Грузија и нивните односи во минатото беа затегнати, особено во врска со воведувањето санкции против Иран.
Русија ги бојкотираше разговорите од големите сили планирани за вчера на кои требаше да се дискутира за четвртата рунда санкции против Иран за да се натера Техеран да се откаже од својата нуклеарна програма. Русија се противи на идејата за дополнителни санкции. Администрацијата на Буш се обиде да го намали значењето на одлуката на Русија да не присуствува на министерската средба за Иран, а Рајс пак изјави дека тајмингот е погрешен. Лавров се пожали дека САД не можат да го блокираат присуството на Русија на средбите од Г-8 најразвиени земји, „кои се од големо значење за целиот свет“, и потоа да побараат соработка од Русија во области во кои имаат интерес. „Не може да биде се' како што ќе посакате вие “, изјави Лавров пред Советот за надвор��шни односи. (Ројтерс) |