Украдени 200 метри електричен кабел
КАВАДАРЦИ – Кражбите на бакар зачестија во Кавадаречко. Најновата кражба е регистрирана пред само еден ден кога се украдени 200 метри електричен кабел. Арамиите цела ноќ копале во градскиот парк во Кавадарци, на потегот од винската куќа до Спомен-костурницата и го извадиле електричниот кабел, од кој со струја се напојуваа светилките за осветлување на паркот. Оштетени се и неколку канделабри. За само две недели ова е втора сериозна кражба на бакар. Пред десетина дена беше украден и трансформатор од репетиторскиот пункт Љубаш, од каде беше однесен само бакарниот дел, а секојдневно се крадат и капаци од шахтите.
Поради зачестените кражби на бакарни предмети, од локална самоуправа Кавадарци ќе иницираат до Владата затворање на претпријатијата што се занимаваат со откуп на стари метални предмети, бидејќи бројот на кражби е значајно зголемен откако овие претпријатија повторно почнаа да вршат откуп на стари метали. (А.Д.) |