Расел Кроу приреди шоу на отворањето на Кан
На Канскиот фестивал годинава му недостигаше гламур, но имаше одличен старт со Ридли Скотовиот „Робин Худ“
Од нашиот известувач Сунчица Уневска
КАН - Австралиските актери Расел Кроу и Кејт Бланшет, кои ги играа главните улоги во филмот на отворањето „Робин Худ“, го одбележаа отворањето на 63. издание на гламурозниот Кански фестивал. Но, многу повеќе со своите интервјуа и на прес-конференцијата, на која Расел Кроу приреди вистинско шоу отколку со гламурот што се очекуваше на црвениот килим. Годинава немаше таков гламур, ниту така облечени звезди кои би ја оправдале неговата репутација. Можеби затоа што поголемиот дел од екипата на „Робин Худ“, а и од членовите на жирито беа мажи, но како и да е, гламурот изостана. Не дека немаше обиди, тука беше Кејт Бланшет, која секогаш е убаво и елегантно облечена, потоа водителката на церемонијата Кристин Скот Томас или италијанската и американска актерка, Џована Мецоџорно и Кејт Бекинсејл, кои се членови на жирито, па сепак, сето тоа беше далеку од очекуваното.
Вистинска ѕвезда на отворањето, дефинитивно, беше Расел Кроу и атрактивниот римејк на Ридли Скот „Робин Худ“. „Кој би бил ‘Робин Худ’ денеска, рече Расел Кроу помалку шеретски. Не би морало да значи дека би бил како овие алчните ‘Вол Стрит’ банкари (алудирајќи на очекуваниот филм на Оливер Стоун), туку поверојатно тој и неговата дружина би ги распространувале информациите. После се, дискутабилно е дали монополизирањето на медиумите е најопасната работа денеска”. Режисерот Ридли Скот не беше присутен на отворањето, поради операција на коленото, но тој испрати писмо во кое рече дека е сигурен дека Кроу и Бланшет ќе го претстават филмот така како што треба.
А Расел Кроу беше во елемент, кога по светската премиера на нивниот филм, мораше да се соочи со 200 новинари на првата прес-конференција. И иако Кејт Бланшет последниве години многу често е присутна во Кан и при влегувањето на прес-конференцијата доби дури и поголем аплауз, сепак, речиси сите прашања му беа упатени на Расел Кроу. А тој беше подготвен за игра, постојано се шегуваше, ја минуваше границата меѓу нив и новинарите и се однесуваше сосем неочекувано и надвор од протоколот. Така, дури и неговите шеги на сметка на Французите не наидоа на некакви коментари, туку сите постојано се смееја, прифаќајќи ја таа лежерна и забавна атмосфера.
Расел Кроу е и еден од продуцентите на филмот, а тоа го објасни така што рече дека холивудското студио тоа го барало од него, сметајќи на тоа дека ако филмот пропадне ќе има кого да обвинуваат. Што се однесува до Робин Худ, тој навистина многу интересно и мотивирано зборуваше за оваа улога, која се разликува од сите што претходно сме ги виделе. Кроу зборуваше дека и тој, како и многу генерации, пораснал со Робин Худ и со митот за него, но тие навистина сакале да влезат зад овој мит и да се позанимаваат со човекот. А како што рече Кроу, станува збор за многу силен карактер, за човек кој има многу поголемо значење од она што со годините му го придаваме. Токму затоа тие тргнале од тоа, првин да се разбијат илузиите, а дури потоа да проговориме за создавањето на легендата.
Таков е и филмот, сосем поразличен од очекуваното. Ридли Скот заедно со Расел Кроу и со продуцентот Брајан Грејзер направиле многу истражувања и својот фокус го ставаат на времето по смртта на кралот Ричард III – лавовско срце, времето кога на власт ќе дојде индолентниот и злобен крал Џон, кога настанува вистински хаос, сиромаштија, корупција, владеење без правила, со огромни такси и незадоволство. Но, она што е најважно е дека филмот е направен одлично.
Ова можеби нема да биде многу комерцијален филм, бидејќи нема во него таква атрактивна приказна, која од Робин Худ се очекува, но тоа е едно зрело, совршено снимено остварување. Фотографијата на Џон Матисон е фасцинантна, деталите, како и масовните сцени се неверојатни, буквално филигрански изработени. Режијата на Скот го докажува целото негово мајсторство и искуство, а Кроу и Бланшет, како и целата екипа, е многу автентична и уверлива.
Во филмот е прикажана и љубовната приказна меѓу Робин и Мерион, но на еден сосем поинаков начин. А да не ја запоставиме Бланшет, која беше исклучителна, впрочем како и секаде, ќе кажеме само дека иако сакала да го игра Робин Худ, како Мерион е толку топла, силна и самоуверена. Филмот, секако, му даде добар старт на Канскиот фестивал и го оправда изборот на Скот, чиј филм доаѓа во Кан по цели 20 години, по прикажувањето на „Телма и Луиз“ во 1991 година надвор од конкуренција.
Првиот ден од фестивалот секогаш е резервиран и за членовите на жирито, кое годинава го предводи Тим Бартон, режисерот кој има репутација на откачен, но секако во позитивна и оригинална смисла. На првата прес-конференција на фестивалот со жирито, тој рече дека се надева дека ќе можат да ги преоткријат оние елементи на изненадување што тој ги почувствувал уште како дете кога гледал филмови. На прашањето за споредбата со американскиот актер Шон Пен, кој го предводеше жирито во 2008 година, Бартон рече дека тој нема намера да ги насочи членовите на жирито кон политичките филмови. „Ние сакаме да го видиме секој филм и да дискутираме за него и за неговиот допир интелектуален и емотивен, а особено за великодушноста која филмаџиите му ја носат на светот воопшто”, изјави Бартон.
Интересно е дека годинава има една неверојатна ситуација, кога од девет членови на жирито само две се жени, што барем последниве години во Кан не се случило. Американската актерка Кејт Бекинсејл се шегуваше за таа диспропорција велејќи дека тоа не ја вознемирува, бидејќи таа има четворица браќа и навикната е да се бори со мажите. Додека индискиот режисер Шекар Капур, кој потсети дека лани беше обратно, рече дека сите се тие многу креативни и квалификувани за својата работа, и тоа е најважно. Другите членови на жирито се: Џована Мецоџорно, режисерот Виктор Ерик, сценаристот Еманеул Карере, композиторот Александар Десплат и директорот на италијанскиот Филмски музеј, Алберто Барбера.
На крајот на овој извештај да кажеме дека надвор од Канскиот фестивал, со работа започна и маркетот, каде што Македонија за првпат има штанд заедно со уште седум земји под името штанд на Југоисточна Европа. Вчера се случи првиот т.н. Happy hour, какви што е предвидено да има секој ден, кој беше доста посетен. Но, за разлика од овој настан, првата проекција на омнибусот „Некои други приказни“, од двете предвидени на маркетот, помина доста лошо. Станува збор за омнибусот од пет приказни на тема „бременост“, на кои работеа режисерки од бившите југословенски земји. „Македонската приказна“ е на Марија Џиџева. Но, на проекцијата на маркетот имаше многу малку заинтересирани, а и од оние кои дојдоа повеќето из��егоа пред завршувањето на филмот. Мора да кажеме дека првичната идеја за овој филм беше поинаква и нејзина цел беше низ интимните приказни да проговори за целата состојба на овој простор и за доаѓањето на едно ново време, но за жал сите овие приказни останале многу интимни, без пошироко значење, доста невоедначени и доста тенки. Како и да е, ова е почеток, филмот има неколку покани за фестивали, но за тоа понатаму. Маркетот само што започна со работа, а се очекува и доаѓање на повеќе наши продуценти и режисери. |