Театарска претстава според романот „Разговор со Спиноза“ од Гоце Смилевски

Романот „Разговор со Спиноза“ од Гоце Смилевски, кој ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“, наскоро ќе има театарска премиера во режија на Зоја Бузалкова.
„Премиерата ќе биде кон крајот на јуни во рамките на манифестацијата ’Скопско лето‘, а ќе се игра на сцената на Драмскиот театар. Во претставата ќе настапат Васил Зафирчев, Катина Иванова, Борче Начев и други актери, како и еден акробат, познат македонски гимнастичар“, изјави Благој Стефановски од Мал драмски театар - Битола, продуцент на овој театарски проект што го подготвуваат заеднички со Драмскиот театар и Македонски народен театар.
Млад драмски театар – Битола ќе понуди на „Скопско лето“ уште една претстава, овој пат мотивирана од романот „Се викам црвено“ на Орхан Памук, во режија на Мартин Кочовски. Станува збор за копродукциски проект со неколку европски фестивали- членови на НЕТА.
Театарските претстави „Разговор со Спиноза“ и „Се викам црвено“ се поддржани од Министерството за култура во рамките на Годишната програма за остварување на националниот интерес во културата за 2010 година. (Н.П.) |