Корекции во Законот за помилување
Владата ги усвои предложените измени и дополнувања на Законот за помилување. Предложените одредби, како што соопшти Прес-службата на Владата, се усвоени поради констатираните недостатоци и празнини од постојниот закон, кои произлегуваат од неговата практична примена, како и од потребата за попрецизно нормирање на одредени прашања регулирани со Законот. Со нова одредба од Законот се проширува можноста за помилување лица кои сториле кривични дела пропишани со кривичен закон на друга држава доколку сторителот е македонски државјанин и доколку така е пропишано со меѓународен договор. Со измените се предлага да не може да се даде помилување на лица осудени за кривични дела против половата слобода и половиот морал сторени спрема деца и малолетни лица, за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и за овозможување употреба на наркотични дроги, кривични дела против здравјето на луѓето и за кривични дела против човечноста и меѓународното право. Со новите одредби не може да се даде помилување на лице кое издржува казна во Република Македонија, а е осудено со пресуда на Меѓународен кривичен суд и на лица кои сториле кривично дело против изборите и гласањето. (П.Р.) |