Груевски не верувал во она што го кажа Станишев
Одговарајќи на новинарски прашања, премиерот Никола Груевски вчера изјави дека регистрацијата на ОМО „Илинден“ – ПИРИН во Бугарија зависи од решенијата во судовите, а не од господинот Станишев.
„И претходно разговарав со него на тет-а-тет средба околу тоа прашање. Тој е уверен, значи тоа е негово лично уверување, дека ако толку пати тие поднеле барање и толку пати не било комплетирано со сите документи, дека можеби тие не сакаат да се регистрираат“, нагласи премиерот, кој рече дека лично не верува во тоа, но го респектира мислењето на својот гостин.
„Тоа е негово мислење и секој има право да го каже својот став. Но, истовремено мислам дека Бугарија ќе најде начин да го реши тоа прашање колку што може побрзо, бидејќи тоа е и во нивни интерес. Чувствувам дека постои желба кај политичарите да го затворат тоа прашање, но колку што можам да разберам, судовите ја кочат регистрацијата на некој начин“.
Груевски одби да открие каква ќе биде новата македонска стратегија во преговорите со Грција за името, додавајќи „и да знаеме, нема да кажеме“.
Премиерот потврди дека во текот на вчерашниот ден или денеска ќе се сретне со новиот преговарач Зоран Јолевски, кој пред два дена пристигнал во земјава од Вашингтон. (П.Р.) |