Словенија, Хрватска и Србија во потрага по југопрофит
„Горење“, хрватскиот произведувач на храна и козметички производи „Атлантик група“, и српската рафинерија НИС, ги заживуваат старите врски за развој на нова југосфера
Фрањо Бобинац, главен извршен претставник на словенечката групација „Горење“, најголемиот произведувач на бела техника на Балканот, ги пробива бариерите поставени за време на југословенската граѓанска војна за да го зголеми профитот на компанијата. Бобинац зборуваше на Форумот за менаџмент во Југоисточна Европа, што се одржа во алпското одморалиште Блед, во Словенија, каде што присуствуваат извршни претставници од шесте поранешни југословенски републики за прекугранична трговија. Земјите се разделија во 1990-тите години со најкрвавата војна во Европа по Втората светска војна, односно конфликтот поради кој регионот заостанува многу во однос на Источна Европа во однос на економските и правните реформи.
Компаниите, како што се „Горење“, хрватскиот произведувач на храна и козметички производи „Атлантик група“, и српската рафинерија НИС, истакнуваат дека ги заживуваат старите врски за развој на нова југосфера. Србија, Хрватска и Словенија водат разговори за поврзување на државните авиокомпании, берзите и железниците, заради повторно воспоставување врски и зајакнување на нивните економии.
„Се сеќавам на времето кога политичарите ги критикуваа компаниите што работеа со останатиот дел од Југославија“, рече Бобинац во едно неодамнешно интервју. „Извршните претставници сакаат да промовираат „производи со врвен квалитет од времето на некогашната обединета држава, рече тој.
Заедничкиот бруто домашен ппроизвод на шесте поранешни југословенски републики Словенија, Хрватска, Србија, Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина и покраината Косово изнесува вкупно 192 милијарди долари, речиси исто како на Чешката Република и на Португалија, покажуваат податоците на Меѓународниот монетарен фонд. „Тие се како природни партнери еден за друг“, вели Тимоти Еш, шеф за истражување на новите пазари од групацијата Кралска банка на Шкотска во Лондон.
Обидите на Хрватска и на Србија да и' се приклучат на Словенија во Европската унија беа нарушени од граничниот спор, финансиските побарувања и слабиот правен систем на Србија, што „Транспаренси интернешенел“ го рангираше како втор најкорумпиран на Балканот, по Босна и Херцеговина. Србија привлече 14,1 милијарда долари, посочува Централната банка. Како споредба, странските директни инвестиции во Чешката Република во периодот меѓу 2000 и 2009 година изнесуваа вкупно 87 милијарди долари, јавува Централната банка на таа земја. Патот на Србија до ЕУ, исто така, е отежнат поради неуспехот да го предаде воениот командант на босанските Срби, Ратко Младиќ, кој ОН го бараат поради геноцид и одбивањето да ја признае независноста на Косово.
„Луѓето од сите места можеби не се подготвени за југосфера, но тие ја живеат“, вели Тим Џуда, колумнист од списанието „Економист“, кој го смисли терминот. „Наутро тие пијат хрватско млеко, потоа гледаат програма на босанска телевизија и јадат грицки произведени од српска компанија, која е во сопственост на словенечка компанија, и на пат да биде купена од хрватска компанија“.
Хрватска и Словенија постигнаа согласност за начинот на решавање на граничниот спор и ветија на 31 јули дека ќе го решат спорот околу Нова љубљанска банка, со седиште во Љубљана, која има забрана да работи во Хрватска, бидејќи нејзиниот југословенски претходник им должи на хрватските штедачи 208 милиони долари плус камати. Во јули, „Атлантик група“, со седиште во Загреб, ја купи словенечката „Дрога Колинска“ за да го добие брендот „кокта“, најпродаваниот безалкохолен пијалак во комунистичко време, што и' конкурираше локално на „кока-кола“. Минатиот месец словенечката „Петрол група“ го купи хрватскиот дистрибутер на ЛПГ „Бутан“. „Меркатор пословни систем“, најголемиот синџир на супермаркети во Југоисточна Европа, потпиша договор за соработка со „Цока“ од Србија.
„Владите најдоа заеднички јазик и ги развиваат врските“, изјави главниот извршен претставник на „Атлантик“, Емил Тедеши. „Тоа не' прави многу среќни“.
Високи официјални претставници на словенечката, хрватската и српската државна железничка компанија се состанаа во Белград на 9 септември за да договорат заедничка компанија и да ги поедностават царинските контроли меѓу границите. На 28 и 29 септември регулаторите ќе се состанат во Милочер, Црна Гора, за да дискутираат за создавање регионална берза со што ќе се подобри ликвидноста и ќе се привлечат инвеститори.
„Регионалната соработка меѓу поранешните југословенски држави ја зголемува трговијата и економиите за да можат оние што се се' уште надвор од ЕУ да извлечат корист од врските со оние што се веќе во ЕУ“, изјави словенечкиот министер за ЕУ и за развој, Митја Гаспари, на конференција за печатот. „Проектот да се преструктурира железничкиот сообраќај меѓу Словенија, Хрватска и Србија ќе ја подобри конкурентноста на сите три економии“.
Аналитичарите, меѓу кои е и Еш од РБС, се согласуваат дека членството на Словенија во ЕУ од 2004 година и' дава водечка улога во регионот. Словенечките компании, како што се фармацевтската група „Крка“ и синџирот супермаркети „Меркатор“, градат панбалкански мрежи. „Ако политичките односи се добри, трговските односи се подобруваат“, изјави главниот извршен претставник на „Крка“, Јозе Коларич, во интервју во јули, од туристичка куќа во сопственост на неговата компанија. „Сакаме да се елиминираат сите видови пречки“. (Блумберг) |