Државата не дава пари за контрацептиви за жените
Државата се соочува со висока стапка на абортуси, а нема ниту еден препарат за заштита од несакана бременост што може да се подигне со сини картони. Стапката на абортуси во земјава, според стручни податоци, е 11 на 1.000 жени. Слична стапка има и во Србија, каде што годишно има и до 200.000 абортуси. Здружението на гинеколозите се залага барем едно контрацептивно средство да се стави на позитивната листа на лекови. До пред три години, на товар на државата имало еден контрацептив, но Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) повеќе не финансира лекови за заштита од несакана бременост.
Немањето контрацептив на товар на државата можеби е и една од причините за намалување на употреба на контрацепцијата кај нас. „Стапката на употреба на контрацептивни средства во Македонија е намалена од 3,6 на 1,6 отсто“, истакна д-р Славејко Сапунов од Клиниката за гинекологија и акушерство и претседател на Здружението на гинеколози, на средбата организирана од „Баер шеринг фарма“, по повод глобалната кампања за Светскиот ден на контрацепција - 26 Септември.
На Балканот, стапката на употреба на контрацептивни средства се движи од 4 до 7 отсто, а во Европа изнесува 24 отсто. Највисока стапка на употреба (над 40 отсто) е регистрирана во Белгија, Франција, Германија, Мароко, Холандија и Португалија... Д-р Сапунов посочи дека Здружението се залага барем едно контрацептивно средство да се стави на позитивната листа на лекови. „Би било пожелно секоја бременост да биде планирана, бидејќи секоја непланирана бременост има последици врз здравјето на жената“, додаде проф. д-р Сапунов.
Според д-р Емилија Трајковска од ПЗУ „Д-р Трајковска“, најважна улога во информирањето и советувањето за контрацептивите имаат гинеколозите од амбулантите. Таа укажа дека од Светската здравствена организација како најефикасна ја препорачуваат двојната метода, која подразбира кондом за момчињата и таблетка за девојчињата.
Соња Крстевска од „Баер шеринг фарма“, претставништво во Скопје, укажа дека секој ден 218.630 жени се соочуваат со непланирана бременост, а 126.027 се одлучуваат на абортус. (Ј.Ј.) |