Берзата со фантастични 180 отсто поголем промет
Прометот на Македонската берза неделава бележи фантастичен раст од речиси 180 отсто. Остварен е промет од близу 965.000 евра. Над 70 отсто од прометот е остварен на официјалниот пазар, остатокот на редовниот, а притоа немало блок-трансакции.
Најтргувани хартии од вредност на официјалниот пазар неделава биле акциите на ТТК банка, државните обврзници за денационализација од деветта емисија, акциите на Комерцијална банка, „Алкалоид“, „Реплек“, „Гранит“, „Макпетрол“, „Топлификација“, Стопанска банка - Битола и обврзниците за денационализација од 8. емисија.
И додека прометот растеше, цените или паѓаа или останаа исти како минатата недела. Најголем пад од над 5,5% има кај акциите на „Топлификација“, следува „Гранит“ со над 4% пад. Комерцијална банка и „Алкалоид“ загубија по над 3% од вредноста во однос на минатата недела. (Ј.Ј.) |