Социјални станови и за слепи и за инвалиди
Право на социјални станови ќе имаат и инвалидите и слепите лица, како и социјалните случаи. Владата ја измени одлуката за распределба на социјалните станови, како и условите за нивно користење, со која корисници на становите може да бидат и категоријата слепи лица корисници на социјална или постојана парична помош, кои ќе имаат право на 10 отсто од понудените станови.
Овие лица треба да се државјани на Македонија, лицето, неговиот брачен другар и сите членови на неговото заедничко домаќинство да немаат стан, куќа или куќа за одмор во нивна сопственост и да не се станбено обезбедени од страна на државата по која било основа. Доколку на огласот вкупниот број пријавени е поголем од вкупниот број социјални станови, ќе се врши бодирање во согласност со утврдената методологија, велат во Министерството за транспорт и врски.
Освен слепи лица, корисници на социјална или постојана парична помош се и деца без родители или родителска грижа со навршени 18 години, лица погодени од елементарни непогоди, инвалидни лица и лица на кои им е потребна помош и грижа од друго лице и семејства со инвалидизирани лица, лица припадници на Ромската заедница социјално загрозени и самохрани родители со малолетни деца.
За четири години, распределени се вкупно 339 социјални стана, а до крајот на 2012 година е предвидено да бидат изградени уште 1.414 социјални стана во повеќе градови. (Ј.Ј.) |