Три години затвор за Кирил Тодоровски
Иста казна доби и раководителот Сашо Стојчески, додека судот ослободи двајца од обвинетите
Љубиша Станковиќ
Градоначаникот на скопската Општина Аеродром Кирил Тодровски за кривично дело примање поткуп е осуден на затворска казна во траење од три години. На идентична затворска казни е осуден и второобвинетиот Сашо Стојчески, раководител на Секторот за комунални работи, урбанизам и заштина на животната средина, а соработничката за односи со јавноста Ангела Зафировска е осудена на една година затвор. На првите двајца осудени во казната им е пресметано и времето што го минале во притвор.
Судскиот совет со кој раководеше судијата Јани Нича не најде вина кај обвинетите Рената Саздовска-Колева, соработник за финансии, и Петар Гајдов, правник во Општина Аеродром. Согласно со пресудата, тројцата осудени се обврзани да платат паушал и трошоци за постапката.
По изрекување на затворската казна, градоначалникот Тодоровски рече дека некому многу му пречел. Тој на помош ги повика и свети Никола и свети Илија, веројатно алудирајќи на вчерашниот празник и именден на премиерот, но и на црквата што се гради во општината Аеродром, а поради која и беше формирано граѓанското здружение на чие чело беше токму Тодоровски.
„Пресудата за мене е изречена уште пред три години на седница на Централниот комитет што се одржа во Струмица“, рече градоначалникот Тодоровски. Целата на Тодоровски, најверојатно, беше да каже од кога датираат неговите несогласувања со врвот на партијата на која и' припаѓа.
И додека бранителите на осудените ја оценија пресудата како престрога, застапникот на обвинението, јавната обвинителка Вилма Русковска, најави жалба за ослободителните пресуди на Рената Саздовска-Колева и Петар Гајдов, со задршка дека е можно жалби да следуваат и за висината на казните на другите тројца сега осудени.
Градоначалникот Тодоровски на удар на органите на прогонот се најде уште во почетокот на февруари оваа година кога од оштетениот Димитар Тодоровски, косопственик на фирмата „Елинг“, побарал донација за црквата „Свети Пророк Илија“. Станува збор за износ од близу 100.000 евра, кои беа дадени како донација од фирмата која во замена за ��онудените пари требало да издејствува легализирање на станбено-деловен објект што се градел на подрачјето на општината Аеродром. Полицијата го искористи токму Димитар Тодоровски за да докаже дека градоначалникот и неговите соработници изнудувале пари.
Некаде во почетокот на април полицијата упадна во просториите на Општина Аеродром, а по направените проверки со лисици на рацете ги изнесе градоначалникот и четворицата негови соработници. Под сомнение за сторени кривични дела: злосторничко здружување и за примање поткуп, сите петмина му беа предадени на истражен судија кој, по извршен распит, донесе решение на Кирил Тодоровски и на Сашо Стојчески да им изрече мерка притвор. За другите тројца истражниот судија донесе алтернативна мерка -куќен притвор.
Градоначалникот Тодоровски и раководителот Стојчески останаа во затворот „Скопје“ до 19 септември кога по понудени гаранции во недвижен имот, мерката притвор им беше укината, а некако во исто време за другите обвинети беше укинат куќниот притвор.
На судскиот процес кој траеше изминатите неколку месеци, речиси сите обвинети негираа какво и да е примање поткуп, односно се тврдеше дека понудените средства од „Елинг“ биле донација за доизградба на црквата и дека за секој денар се водела уредна документација, односно дека се' било покриено со потпишување договори со донаторите.
Ваквите тврдења судот не ги прифати, но јавниот обвинител во завршен збор го повлече кривичното дело злосторничко здружување, па обвинетите се товареа само за примање поткуп.
|