Надгробна плоча падна врз гробар во „Бутел“
Вработен на скопските гробишта „Бутел“ бил поклопен од надгробна плоча додека копал гробно место. Тешката плоча се слизнала и паднала врз неговиот грб и главата, нанесувајќи му повреди. За среќа, веднаш притрчал еден од неговите колеги, по што повредениот веднаш е пренесен во болница. Според полицијата, несреќата се случила завчераутро додека М.К.(31), кој работел како гробар на гробиштата „Бутел“, бил на своето работно место. Во еден момент додека го копал гробното место, надгробната плоча и слизнала и го поклопила. Работникот веднаш бил пренесен во Градската болница во Скопје, каде што му е укажана лекарска помош.
Надлежните во „Бутел“ велат дека станува збор за мала незгода, во која еден од нивните работници се сопнал и паднал. Од агенцијата „Априори“, која го застапува АД „Бутел“, дообјаснуваат дека станува збор за несреќа што се случила поради невнимание на гробарот. Работникот, тврдат тие, направил грешка при копањето на гробното место, бидејќи започнал со ископувањето обратно од страната од која вообичаено се копа. Во моментот кога копал во близина на плочата, таа се слизнала и паднала врз него.
„Работникот се здоби со мали повреди, односно гребаници на раката и на главата. Надлежните од АД ’Бутел‘ вчера го посетиле во болницата, од каде што има најави дека тој ќе биде пуштен на домашно лекување“, велат од „Априори“. Директорот на Градска болница Виктор Камиловски вели дека работникот има контузија на главата, но, за среќа, нема сркршеници од ударот на плочата. „За неколку дена повредениот ќе биде пуштен на домашно лекување“, вели Камиловски. (Д.Т.) |