Г-20 договори историска реформа за ММФ
Г-20 бара валутните курсеви да зависат од пазарните принципи
КванЏу - Земјите од Г-20 на средбата во јужнокорејскиот град Кванџу постигнаа историски договор за реформа на управувањето на Меѓународниот монетарен фонд, изјави генералниот директор на оваа финансиска институција, Доминик Строс Кан. Тој посочи дека станува збор за најважната реформа што е прифатена во историјата на ММФ.
„Тоа се' уште е предлог што треба да биде претставен пред Административниот совет на состанокот во почетокот на ноември. Во Советот заседаваат десетте најголеми акционери - САД, Јапонија, Франција, Германија, Велика Британија и Италија и групата БРИК (Бразил, Русија, Индија и Кина)“, додаде Строс Кан.
Земјите од Г-20 постигнаа договор и за реформа на системот за регулација на банките и финансиските институции, обвинети дека ја испровоцирале кризата од 2008/2009 година.
Г-20 се договорија и да воспостават систем на валутни курсеви базиран на пазарните принципи и за донесување низа мерки неопходни за намалување на преголемите надворешни дисбаланси.
Во соопштението од дводневните преговори на министрите за финансии од Г-20 не се наведуваат никакви конкретни цели за суфицитите или дефицитите за тековните плаќања, за што се залагаа САД.
Ис��о така, во соопштението се истакнува дека поради загриженоста на Кина и на други држави заради лабавата валутна политика и заканите за ново намалување на курсот на доларот, развиените економии треба да бидат внимателни кога станува збор за менувањето на валутните курсеви.
Американскиот секретар за финансии, Тимоти Гајтнер, ги поздрави резултатите од состанокот на Г-20, додавајќи оти е неопходна промена на начинот на работење на светската економија.
„Доколку светската економија во иднина сака да напредува со силно и одржливо темпо, доколку сакаме да бидеме успешни во градењето на стабилен глобален финансиски систем и ако сакаме да продолжиме да ги прошируваме можностите за трговија и да го задржиме отворениот трговски систем, тогаш мораме да работиме на реализацијата на поголем баланс во реализацијата на глобалниот раст по закрепнувањето од кризата“, истакна Гајтнер. (МИА) |