Власта ги слуша маките на фирмите
Компаниите најмногу се жалеле на проблемите со процесот на денационализација и на надоместокот за приватизација на земјиштето
Како дел од проектот „Отворен дијалог со бизнис-заедницата“, владини тимови вчера на терен ги решаваа проблемите на повеќе компаниите по избор на стопанските комори. Вклучени се фирми од индустријата, од услужниот сектор, мали, средни и големи претпријатија, кои се наоѓаат во повеќе населени места за да се добие целосен пресек на економијата. Од нерешените имотноправни односи, компаниите најмногу се пожалиле на проблемите со процесот на денационализација и за висината за надоместокот за приватизација на земјиштето.
„Има фирми што сакаат да го приватизираат земјиштето, а немаат документи со кои ќе докажат дека се сопственици на објектот, односно дека имаат корисничко право на земјиштето. Овие прашања ќе може да се решат низ овој процес, а дел се почнати и се решаваат низ судскиот систем“, истакна министерот Зоран Ставрески на вчерашната заедничка прес-конференција со вицепремиерот Владимир Пешевски по посетата на 20 компании од предвидените 50, за прашањата поврзани со имотноправните, а половина од вкупно 100 компании за прашања во врска со функционалноста на системот.
За случаите во кои фирми��е сакаат да откупат земјиште во околината на објектот за кое е почната постапка за денационализација и која, според законот, мора да чекаат да заврши за да може да се откупи земјиштето, министерот Ставрески истакна дека ќе се оди кон тоа да се забрза процесот на денационализација.
„За висината на надоместокот за приватизација на земјиштето има различни ситуации при што земјиштето кое фирмата сака да го приватизира се наоѓа во околина каде што просечната продажна цена е пониска од онаа во уредбата на Владата и тогаш има интерес за нејзино намалување, како и обратни ситуации, кога просечната цена е повисока и фирмите имаат интерес да го откупат земјиштето според утврдената цена“, рече министерот, кој потенцира дека ваквата практика ќе продолжи со сите други заинтересирани фирми. Откако во поединечни случаи ќе се утврди за што станува збор и каков е проблемот, Министерството за финансии ќе достави до Владата сублимирана информација како да се решаваат прашањата за овие педесетина фирми.
Скратување на одредени административни постапки, барање за намалување на определени трошоци, забелешки во пристапот на финансирање, како и барања за помош со средства од буџетот, се прашања што најчесто биле поставувани од досега посетените компании, посочи вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски. „Цел е континуирано да се подобрува деловното опкружување, а не да се прави политички маркетинг“, истакна Пешевски и додаде дека посетите на терен ќе бидат континуиран процес за да се задржи комуникацијата меѓу Владата и бизнис- секторот.
Врз основа на податоците од оваа прва фаза на проектот ќе се подготви прашалник што ќе биде поставен на веб-страницата на Владата каде што компаниите ќе можат да ги посочуваат своите сугестии. (Ек.Р.) |