И ревизорите ги скараа пратениците

Опозицијата прашува кој е ефектот од работењето на Државниот завод за ревизија
Жаклина Ѓорѓевиќ
Не беше изненадување вчерашната реакција на опозиционерите во собраниската Комисија за финансирање и буџет кога најавија дека нема да го поддржат годишниот извештај на Државниот завод за ревизија. Како и за многу други нешта, така и за овој извештај двата најголеми политички табора во Собранието не најдоа заеднички јазик. Според пратениците од СДСМ, ревизорите понудиле констатации, кои и претходно ги имало во извештаите, но не и дека во одредени државни институции е констатирано незаконско трошење пари.
Пратеникот Стојко Пауновски од СДСМ рече дека Државниот завод за ревизија троши 2 милиона евра од буџетот, а треба да контролира каде се трошат 2 милијарди евра во институциите.
„Една ревизија ја плаќаме 20 илјади евра, а на секој ревизор му доаѓа да заврши по една до една и пол ревизија годишно. Каков е ефектот од работењето на ДЗР“, праша Пауновски. Тој го праша претставникот на ревизорите како оценуваат дали некаде е потребна ревизија и дали ги прават по нечие барање или сопствена процена.
Во текот на жешката дискусија за извештајот, најинтересно беше обраќањето на пратеникот Борис Стојменов, кој постојано интервенираше процедурално, опоменувајќи ги пратениците дали зборувале за дневниот ред. Претседателот на Комисијата, Марјанчо Николов, го опомена да се однесува по бонтон зашто прв почнал да дискутира за извештајот, не оставајќи простор на другите да се пријават за дискусија. |