Уште еден „Американец“ на министерскиот список на Груевски
Вкупно 23 министри, меѓу кои и премиерот Никола Груевски, ќе го сочинуваат новиот владин кабинет, што се очекува да биде избран во четврток до полноќ.
Мандатарот во последен момент реши да го прошири списокот со уште еден министер без ресор, предлагајќи го за тоа место 37-годишниот Бил Павлески од Охрид, кој живее во САД. Со тоа во третиот кабинет на Груевски ќе има дури седуммина министри без ресор, од кои тројца по изборот, ќе бидат унапредени во вицепремиери, а потпретседател на Владата ќе биде и министерот за финансии, Зоран Ставрески.
По Глигор Ташковиќ, Веле Самак, Иво Ивановски... Павлески е уште еден од нашите студенти во САД, кои се најдоа на министерскиот список на Груевски. Според некои најави, негова обврска во новата влада ќе биде привлекувањето странски инвестиции, за што досега беше задолжен Веле Самак, кој, исто така, повторно е предложен за министер без ресор.
Во биографијата на Павлески стои дека средно образование завршил во САД, дипломирал на Електрофакултетот на Државниот универзитет Бингхамтон во Њујорк и се стекнал со две магистратури, за компјутерски науки на Нортхестерн, Универзитетот и за бизнис менаџмент на Универзитетот „Харвард“ во Бостон. Моментно е вработен во американската мултинационална информатичка корпорација „Хјулид Пакард“ со седиште во Пало Алто, Калифорнија. (П.Р) |