Сомнително возило ги исплаши брвеничани
Непознати лица, наводно, на ученици од пониските класови им нуделе прошетки, пари, чоколади...
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - Меѓу жителите од тетовска Брвеница деновиве најмногу се зборува за црно возило со две непознати лица што се движело и застанувало покрај училиштето и, наводно, на учениците од пониските класови им нуделе прошетки, пари, чоколади, бонбони и детски играчки. Нема случај дека некое дете ја прифатило понудата, но во семејствата владее голема неизвесност, загриженост, вознемиреност и страв од евентуални киднапирања. Досега децата сами одеа на училиште и се враќаа дома, но деновиве речиси е задолжителна придружба од некој возрасен од семејството или од соседството, со препорака оние што тоа не можат да го обезбедат во група да одат на училиште и да се враќаат и да не прифаќаат никакви понуди.
Шпекулации или вистини? „Точно е дека има вознемиреност меѓу родителите и кај децата. Кај мене во училиштето дојдоа тројца родители и побараа да преземеме поорганизирани безбедносни мерки. Освен информативни разговори во сите одделенија, со сугестии за поголемо внимание, дежурните наставници задолжително на одморите и во сите други прилики се заедно со децата во училиштниот двор. Писмено се обративме до полицијата во Тетово за да се обезбеди нејзино почесто присуство и контрола на движењата во околината на училиштето“, рече директорот на училиштето Бране Аризановски.
Разговаравме и со повеќе жители на Брвеница. Некои не сакаа да зборуваат, но повеќето жители потврдуваа дека во селото постои страв, вознемиреноста е значителна и оти сега, како никогаш претходно, родителите задолжително се ангажираат околу испраќањето и прифаќањето на децата, особено на оние од пониските класови.
„Многу сме вознемирени и нервозни. Од телевизиите слушаме дека во некои градови се случиле киднапирања на деца и, главно, тоа е извршено од непознати лица“, вели еден жител на Брвеница. Директорот на ОУ „Коста Рацин“ во Брвеница смета дека и близината на седиштето на локалната самоуправа каде што „постојано се движат разни луѓе само ги зголемува сомневањата“. И во основните училишта во Тетово се манифестираат страв и вознемиреност. Во сите училишта учениците се советуваат да бидат внимателни и да не прифаќаат разговори со непознати лица, особено кога се со сомнителни возила. Се зборува дека во некои училишта биле откажани планираните екскурзии. За подигнување на степенот на безбедност се читале и наредби, а некаде се одржале и родителски средби. Во СВР-Тетово ни потврдија дека од одделни управи на училишта имало барања за поголемо присуство на полицијата, но немало случаи на пријавено исчезнување или киднапирање деца. За секој случај ситуацијата будно се следи. Дали има вистина или ова се само шпекулации, ќе се види! Во секој случај, вознемиреноста и стравот покажуваат дека нешто, сепак, се случува и оти е пожелна поголема и позасилена внимателност. |