Моликовите шишарки атрактивни украси на европскиот пазар
Од плодовите на растението што вирее на Пелистер се изработуваат божикни венци и лампиони за новогодишни елки
БИТОЛА - Шишарки од пелистерската молика ги китат најубавите божикни и новогодишни украси во Европа. Од моликовите плодови се изработуваат божикни венци, лампиони за новогодишни елки и разновидни свечени украси.
Моликови шуми има се' помалку во регионот. Тоа веројатно е причината зошто шишарките се продаваат како алва на странските пазари. На Пелистер заврши сезоната за берење плодови од ендемичната молика, раритет од терциерот. Жителите од потпелистерските села Цапари, Трново и Магарево собраа илјадници кошници шишарки кои преку Националниот парк „Пелистер“ патуваат за странските пазари.
Зелената моликова шишарка стана можност за егзистенција на многу семејства во Потпелистерјето. „Собирањето е тешко и исклучително опасно, но добро се плаќа“, велат оние што заработуваат од шишарки. За секој собран килограм шишарки добиваат по 35 денари, а откупот на семе е 300 денари за килограм. Шишарката се користи за изработување украси. Семето го откупува Националниот парк „Пелистер“, за пошумување на голите површини на Баба Планина.
Педесет и осумгодишниот Ѓорги Дуртановски од битолското село Цапари се смета за еден од најстарите и најискусните собирачи на моликовата шишарка. Од својата 14 година Дуртановски вешто собира плодови на молика, но и на ела, бор, кедар. Се' уште се сеќава на денот кога прв пат во локацијата Палиснопје се качил на молика и ја наполнил првата вреќата со шишарки. Нивната семејна куќа вели мириса на шумски плодови и смола. Уште од август дворот е полн со шишарки кои се сушат на сонце и се подготвуваат за продажба.
„Ова го работам точно 45 сезони. Качувањето на моликата не е едноставна работа. Секој не може да собира шишарки. Гранките се кревки и кршливи, а погрешен чекор може да биде опасен. Моликовите стебла се високи по 15-20 метра, а за качување не се користат никакви помагала. Тоа се прави со раце и нозе, никако поинаку. Но, во животот се' може да се научи. Во една сезона се случувало со татко ми да собереме и по 2,5 тони шишарки“, раскажува Дуртановски. Тој е вработен во една од државните фирми во Битола, која последните два месеца не им исплатила плата на вработените. Затоа собирањето моликова шишарка е единствениот извор на егзистенција во последните месеци. Со парите од шишарки ја школувал и својата ќерка во Скопје.
„Народот вели кротко јагне од две мајки цица. Откупот на шишарките е сезонска работа и човек не може да чека само на тие пари. Сепак, и од шишарки може да се заработи и да се затне некоја дупка по дома. Работата е чиста, бидејќи за шишарката, колку и да собереш има пласман, а се плаќа веднаш. Додека земјоделците мака мачат каде да најдат пазар за своите производи и по која цена да ги продадат, јас немам таков проблем“, вели искусниот Дуртановски. Според него, заработката од откупот на шишарки е големо задоволство, бидејќи плодовите ги дала природата.
„Ниту сум ги посадил, ниту сум ги навадил, ниту сум ги ископал. Природата ги дала шишарките, само треба да се знае како да се заработи“, вели Дуртановски.
Не случајно моликовата шишарка од Пелистер станала толку многу барана на европскиот пазар. Ендемичното растение на толкави површини вирее само на Пелистер. Овој вид борово дрво може да се најде и во некои делови на Бугарија, Албанија и на Србија, но на сосема мали површини.
Бербата на моликовата шишарка на Пелистер почнува кон крајот на август и трае се' до почетокот на ноември. Од Националниот парк „Пелистер“ велат дека годинава успеале да откупат само 2.000 килограми од родот, иако во изминатите години се собирале и три пати повеќе шишарки.
„Оваа година нема многу плодови. Откупеното од собирачите не е доволно за апетитите на европскиот пазар. Шишарките одат претежно за Германија и за Италија. Колку и да им понудиме, тие ќе ги откупат. Но, за жал, немаме толкав род, бидејќи се собира само здрава шишарка“, истакнува Стефанка Пројчевска, шумарски инженер во Националниот парк „Пелистер“ од Битола. (А.Б.) |