Камен-темелник за нова зграда на Општина Бутел
Објектот ќе чини 1,2 милиона евра, а парите се обезбедени од општинскиот буџет
Општина Бутел стави камен-темелник на новата административна општинска зграда што ќе се гради близу ОУ „Живко Брајковски“. Објектот ќе има приземје и еден кат и корисна површина од 2.500 квадратни метри. Во него ќе бидат сместени сите служби на локалната самоуправа, а проектирана е и голема сала за одржување седници на Советот. Во посебен дел и со посебен влез ќе биде и Матичната служба, односно салата за венчавки.
Инвеститор на објектот е Општина Бутел, која за изградбата од сопствениот буџет издвои 1,2 милиона евра. Изведувач на градежните работи е ДС „Галаб“ од Скопје. Во договор со Владата земјиштето на кое се гради објектот и' е отстапено во трајна сопственост на Општина Бутел, додека Градот ја ослободи општината од надоместокот што требаше да го плати за уредување на градежно земјиште.
Градоначалникот на Општина Бутел, Петре Латиновски, на вчерашната свеченост им порача на своите сограѓани дека новогодишна и божикна честитка ќе им упати токму од пред новата општинска зграда.
„Модернизацијата и унапредувањето на работата на локалната самоуправа е од особено значење за жителите и за општината. Со изградбата на новиот објект ќе биде поквалитетно работењето на општинската администрација, а пред се', ќе се обезбедат поквалитетни услуги за граѓаните“, рече вчера министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Градоначалникот Латиновски потсети дека општината неодамна одбележа пет години јубилеј од постоењето, а почна да работи само во една канцеларија. На просторот на старите бараки во кои сега функционира нагласи дека е предвидена изградба на социјални станови и станови за млади брачни парови. Реализацијата на ДУП, рече тој, не смее да се кочи и токму затоа е потребен нов објект. (Сн.К.) |