Бесплатни слободни за студенти
Градот да плаќа за слободните карти на редовните студенти запишани на сите државни и приватни универзитети во Скопје, е иницијатива на Либерално-демократската младина ЛиДеМ и советничката група на ЛДП во Советот на Скопје. Бесплатниот превоз во јавниот градски сообраќај, според иницијативата, треба да важи од октомври до крајот на јуни, односно за периодот додека се одвива наставната година, од понеделник до сабота. Бесплатниот превоз би важел на сите градски линии на кои сообраќа Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“. За слободните карти, Градот Скопје би требало да го субвенционира ЈСП со дополнителни 6 милиони денари за една наставна година. ЛДП предлага парите за оваа учебна година да се обезбедат со првиот нареден ребаланс на градскиот буџет. ЛДП образложува дека бесплатниот превоз за студентите го иницира поради влошената економска состојба, повеќегодишната рецесија и намалениот студентски стандард. (С.Н.) |