Мечка три дена се гостела со мед во Дихово
Пелистерска кафеава мечка се настрвила на пчеларникот на битолчанецот Дичо Димковски, кој произведува органски мед
Битола - Пелистерска кафеава мечка три дена едноподруго се гостела со медот на пчеларите од потпелистерското село Дихово. Мечката овој пат се настрвила на пчеларникот на битолчанецот Дичо Димковски, кој веќе шест години произведува органски мед.
„Мечката на два пати овие денови влезе во соседниот пчеларник, кој е на само стотина метри од мојот имот и направи голема штета. Синоќа влезе и во мојот пчеларник. Мечката сосема ја уништила оградата и се нафрлила на пчелните семејства. На три од нив штетата е сто отсто. На секое пчелно семејство имаше насобрано многу мед. Добро се најала“, вели Димковски.
Ова не е прв пат покрај сите заштитни механизми, светло и музика, мечка да прави штета по пчеларниците во Потпелистерието.
,,Во мојот пчеларник веќе трет пат мечката прави штета. На имотот имам поставено да се вклучува радиоприемник со сензор, а во исто време се вклучува и светло. Ама, по се' изгледа, не помага и тоа. Ниту музика веќе не ги одвраќа од намерата да напакостат за да си го наполнат стомакот“, вели Димковски.
Нападнатите пчеларници се наоѓаат во подножјето на Баба Планина. Како што објаснуваат мештаните, тоа значи дека мечката за да стаса до медот поминувала низ селото. Мечката зад себе оставила неред, вознемирени пчели и уште повознемирени граѓани.
,,Селаните кажуваат дека мечката е сместена токму во нивниот атар, бидејќи таа постојано прави беља во селата во Потпелистерието и ги напаѓа пчеларниците и рибниците. Жителите се многу вознемирени, зашто претпоставуваат дека таа има легло некаде близу до нив“, раскажуваат ловци.
Мештаните од Потпелистерието сметаат дека единствен начин да се ослободат од мечките е да се ангажираат ловните друштва во градот и да оставаат прихрана за животните во овој регион. Како што го практикуваат тоа од Националниот парк „,Пелистер“, ренџерите редовно оставаат прихрана за животните во паркот.
Инаку, според македонските закони, мечката е заштитено животно. Штетата што ја прават овие животни на различните стопанства по утврдување на висината ја плаќа државата. На почетокот од пролетта потпелистерска мечка нападна рибник и пчеларник во селото Нижополе. Зад себе остави пустош. (А.Б.) |