Претседателот на Основниот суд во Штип ги матира антикорупционерите?
Судот во Штип
Миланчо Рамбабов ја напушти функцијата самоназначувајќи се за судија во стопанскиот оддел на судот
Иван Бојаџиски
ШТИП - Откако пред новинарите се испофали со својата работа, Миланчо Рамбабов, претседател на Основниот суд во Штип, ја напушти функцијата самоназначувајќи се за судија во стопанскиот оддел на судот. За в.д. претседател тој го назначи судијата Јордан Цветков. На ваков начин Рамбабов ќе ја матира Антикорупциската комисија која пред десетина дена поднесе иницијатива до Републичкиот судски совет за поведување постапка за негово разрешување поради незаконска промена на овластено лице во ЈП „Исар“ во текот на 2005 година.
Антикорупциската комисија оценила дека Рамбабов од функцијата претседател на судот направил промена на овластено лице во ЈП „Исар“ во текот на 2005 година и притоа донел решение за запишување на директор со неограничени овластувања во Трговскиот регистер. Со тоа Рамбабов постапил спротивно на решението донесено од градоначалникот на Општина Штип, кој истиот ден кога е направен уписот го донел решението со кое Здравко Коцев го именувал за в.д. директор на претпријатието. Тоа, според антикорупционерите, е во спротивност на член 41 од Законот за јавни претпријатија и спротивно на Законот за спречување на корупцијата, за совесно, стручно, одговорно, ефикасно и непристрасно постапување во вршење на функцијата.
На вчерашната прес-конференција со одбрана група новинари, на своето прво но и последно соочување со јавноста во неговиот четиригодишен мандат, сега веќе бившиот претседател на Основниот суд, Миланчо Рамбабов, во случајот за кој е осомничен од Антикорупциската комисија, целата вина ја префрли на градоначалникот Панде Сарев, иако под инкриминираното решение стои неговиот потпис како претседател на судот. Од писмената изјава која ја поделил Рамбабов на новинарите тешко може да се разбере суштината на неговиот демант, но тој се брани со флоскулата дека „се' што не е забрането е дозволено“.
Првото отворање на својот кабинет за новинарите, Миланчо Рамбабов го искористи да се испофали со своите остварувања. Рече дека Основниот суд во Штип токму под неговото раководство се вброил меѓу поуспешните во државава, дека од 22.080 предмети, благодарение на неговата упорност и одлични организаторски способности, судот решил околу 14.000 предмети. Но, најголемиот дел вработени, судии, но и административни лица, велат дека послаб претседател судот во својата историја немал.
Инсистирајќи на анонимност, судии со тридецениски стаж, тврдат дека Рамбабов сите овие четири години се изолирал во својот кабинет, демонстрирајќи крајна некомуникативност и соработувајќи само со двајца-тројца свои приврзаници. Неговото заминување од најголемиот дел вработени е оценето како голема можност судот да добие претседател кој вистински ќе знае оваа значајна институција да ја менаџира и кој значајно ќе ги подобри односите во него. Инаку, Републичкиот судски совет ќе мора да се произнесе и за иницијативата на Антикорупциската која бара овој орган да се произнесе и за прашањето дали Рамбабов, со таквото свое педигре, може воопшто да ја извршува функцијата судија во еден наш суд. |