За надлежните во Куманово нема урбанистичка мафија
Столе Божиновски
Куманово - Куманово нема урбанистичка мафија - категорички тврдат надлежните локални фактори повикани да ги спречуваат појавите на нелегална градба на станбен и деловен простор.
Од друга страна, граѓаните се жалат барем на два конкретни случаја за кои институциите на власта не реагираат. Станува збор за две станбени згради во строгиот центар на градот врз чии потпокриви се надградени по еден кат станбен и деловен простор без соодветна документација и без неопходниот минимален број потписи на станарите.
Постојано на дневен ред на седниците на Советот на општината се ставаат и се усвојуваат барем по десетина предлог-измени на детаљни урбанистички планови зад кои се крие урбанистичката мафија на Куманово - тврди локалната опозиција. Докази за злоупотреби во градежништвото тешко се обезбедуваат, па сите приказни за наводната спрега помеѓу главните претприемачи и локалната власт завршуваат без ефект. А се гради како никогаш и тоа на локации на кои преку ноќ се уриваат и објекти од значење за културното и историското минато на Куманово, како што е случајот со некогашната градска кафеана ,,Палас“ и целата улица ,,Ленинова“ позната како ,,Опинчарско сокаче“. Група советници пред една година наметнаа точка на дневен ред на седницата на Советот на општината со конкретни објекти за кои тврдеа дека се дело на т.н. урбанистичка мафија на Куманово и побараа да се урнат. На списокот се најде и една четирикатница на булеварот ,,Октомвриска револуција“ со здравствена амбуланта од неколку стотини квадрати во приземјето во сопственост на еден виден лекар- специјалист кој излезе со куп документи за задоцнето, но сепак реализирано плаќање на комуналните давачки и легализирање на објектот. На овој и на слични начини на легализација на дивоградбите, во крајна нужда, се ,,вадат“ носителите на урбанистичкото дивеење кога ќе им загусти пред органите на прогонот. |