Македонската заедница од Викторија продолжува со лобирање
СИДНЕЈ - Шефот за мултикултурни работи од секторот на Министерството за имиграција на Австралија Лори Фергусон вчера ги прими Злате Нически и Дијана Стерјовска, претставници на Советот на македонската заедница од Викторија.
„Главен акцент на средбата беше олеснувањето на визниот режим за македонските граѓани кои ја посетуваат Австралија. Бидејќи ова прашање е од неговиот сектор, Лори Фергусон зацрта план за тесна соработка со Република Македонија, чија иселеничка колонија за Австралија е од исклучителна важност“, истакнаа во Советот на македонската заедница од Викторија.
Соговорниците се осврнале и на прашањето за признавање на уставното име на Македонија, за што повторно било посочено зајакнувањето на активностите на македонската заедница кај локалните политички претставници во Парламентот на Австралија.
Изразувајќи задоволство од директната поддршка од Лори Фергусон, како и од зацртаните планови за работа со надлежните австралиски институции, претседателот на Советот Злате Нически посочил дека Министерството за имиграција прифаќа покана за посета на Македонија доколку македонската Влада изрази таква желба. (МИА) |