Владата ќе троши 300 илјади евра на час
Буџетските расходи идната година ќе изнесуваат 2,6 милијарди евра, за 175 милиони евра повеќе од годинава
Мирче Јовановски
Владата и в година ќе вози во петта брзина, барем што се однесува до трошењето на народните пари. Според Предлог-буџетот за 2011 година, за кој вчера расправаа пратениците во собраниската Комисија за финансирање и буџет, произлегува дека Владата секој час ќе троши речиси по 300 илјади евра, или по 7,1 милион евра дневно. Или за цела година се планира да се потрошат вкупно 159,4 милијарди денари (околу 2,6 милијарди евра), од кои од даночните обврзници во земјава ќе бидат прибрани 147,8 милијарди денари (2,4 милијарди евра), додека разликата од 11,5 милијарди денари (188 милиони евра, или 2,5 отсто од бруто домашниот производ), ќе се приберат, главно, со задолжување во странство. Според опозицијата, станува збор за нерационални трошења, кои се резултат на дополнителни оптоварувања на граѓаните и на фирмите, како и на произволни проекции на Владата, а не врз реални претпоставки. За претставниците на Владата и за пратениците од владејачкото мнозинство, пак, проекцијата на буџетот за наредната година покажува дека Македонија излегува од кризниот период и е функција на развојот на стопанството.
Во кусото образложение заменик-министерот за финансии, Недим Ремизи, таксативно ги наброја владините проекции за наредната година, според кои БДП ќе се зголеми за 3,5 отсто, инфлацијата ќе остане стабилна и ќе изнесува 3 отсто, вработеноста ќе се зголеми за 3 отсто, а девизниот курс ќе остане стабилен. Според Ремизи, вкупните приходи во буџетот ќе се зголемат за 6,6 отсто. Приходите од даноците за 7,8 отсто, при што најмногу приливи и в година се очекуваат од данокот на додадена вредност. Приходите од социјални придонеси ќе се зголемат за 6 отсто. Кај трошењата, пак, акцент беше ставен на зголеменото учество на капиталните расходи.
Заменик-министерот Ремизи со неуверливиот настап им овозможи на пратеници од опозицијата да поентираат. Тоа најмногу се однесува на претседателот на Комисијата, пратеникот на ЛДП Јован Манасиевски, кој смета дека буџетот е истресен од ракав. „Владата го предлага буџетот без да има изготвено фискална стратегија и макроекономска политика, кои се клучни претпоставки врз чија основа треба да се изведат буџетските проекции. Без овие документи, не можеме да расправаме дали владините проекции одговараат на реалната состојба“, рече Манасиевски. Во својата опсежна анализа на владиниот предлог, тој рече дека годинава се оди и чекор назад во транспарентноста, имајќи предвид дека годинава во приложените материјали не се приложени споредбени податоци со претходните една-две години, без кои јавноста не може да го види трендот кај одделни буџетски ставки.
„Буџетот паѓа на технички преглед“, констатира Манасиевски. Тој ја обвини Владата дека со буџетската политика дејствува контрапродуктивно за надминување на последиците од економската криза. „Владата и планира да потроши 175 милиони евра повеќе од 2010 година, што ќе оневозможи приватниот сектор да се развива и да излезе од кризата“, вели Манасиевски. Тој смета дека големината на буџетскиот дефицит не би била проблем доколку тој би се потрошил за продуктивни цели, кои ќе генерираат дополнителни приходи. Со владиниот предлог се дејствува во спротивна насока, од една страна се зголемуваат зафаќањата во стопанството, од кои, пак, преку структурата на трошењата, полза повеќе имаат фирми од странство отколку домашните претпријатија, смета Манасиевски. Заедно со буџетските дефицити од претходните два буџета и предложениот за 2011 година, изнесуваат вкупно над 500 милиони евра, односно речиси колку што изнесува инвестицијата за клучните енергетски проекти, изградбата на „Чебрен“ и „Галиште“.
Тој се запраша врз каква основа се очекуваат зголемени приходи од казни, кога Владата најави дека ќе ги намали глобите, а забележа на доцнењето на стапките за придонеси , кои се' уште не се објавени, но тоа не и' попречи на Владата да направи буџетски проекции. Манасиевски на тапет ги стави и странските вложувања, капиталните инвестиции, како и ставките за спречување на сиромаштијата, кои се помали од трошоците за изградба на триумфалната капија, нарекувајќи го ова „перверзна логика“. Во однос на задолженоста, пак, Манасиевски се повика на извештај од НБМ, според кој бруто надворешниот долг во однос на номиналниот БДП достигнал 63 отсто, што ја сместува Македонија во високозадолжените земји.
Претставниците на власта се обидоа да ги релативизираат овие констатации, па така се повикаа на подобрениот кредитен рејтинг на земјата што го изработи агенцијата „Фич“, како и на според нив несоодветните споредби што се правеле за обемот на странски директни инвестиции со земјите од регионот, на што укажа пратеникот Крсто Мукоски од ВМРО ДПМНЕ. За заменик-министерот Ремизи, причина за малиот обем на странски инвестиции е што Македонија не излегува на море, како и пречките што ги има земјата во евроатланските асоцијации (НАТО и ЕУ). Флора Кадриу од НД побара зајакната контрола врз буџетските трошења, како и порамномерна распределба на средствата од буџетот, Марјанчо Николов од СДСМ рече дека Владата намерно го темпирала разгледувањето на Предлог-буџетот во деновите кога се очекува извештајот на ЕУ за Македонија, поради што нема да има квалитетна расправа. |