Нема веќе евтино возење на плин
Ако се додадат сите давачки за литар гас, произлегува дека тој на пумпите треба да чини околу 25 денари, а не 41 денар за литар
Маја Томиќ
Цената на автогасот соборува рекорди. Со последното поскапување на 3 ноември таа скокна на 41 денар за литар и за период од пет години е зголемена за повеќе од двојно. Трговците тријат раце и си молчат. Се шпекулира дека за нив остануваат дури 35 отсто од малопродажната цена на литар плин. Поточно, ако се додадат сите давачки за литар гас на неговата основна, увозна цена, произлегува дека тој на бензинските пумпи треба да чини околу 25 денари за литар, а не 41 денар, колку што сега се наплаќа еден литар плин. И додека трговците профитираат, граѓаните што користат гас во своите возила реагираат поради новата повисока цена.
„Никогаш цената на гасот не била толкава и не стасала за повеќе од половина од цената не бензините. Не ми е јасно зошто гасот кај нас упорно поскапува, а секаде е најевтино гориво, кое за разлика од нафтата, го има во неограничени количества. Не знам како се оправдува покачувањето, но знам дека нема правила за тоа како и кога се зголемува цената. Веројатно нема конкуренција на пазарот, па продавачите, ’Макпетрол‘, ’Лукоил‘ и ’Окта‘ се договараат по која цена ќе продаваат. За денар, два е пониска цената на гасот кај некои помали трговци од внатрешноста на земјава. Се прашувам дали можеби главните трговци сакаат да не' натераат да возиме сите на бензин“, прашува А.П од Скопје, кој до пред неколку месеци користел повеќе од пет години возило на плин. Овој граѓанин вели дека иако не правел пресметки, но, сепак, горе-долу, ако се земе сегашната цена на автогасот, плус инвестицијата за инсталирање на плинскиот уред, која чини околу 500 евра, годишниот трошок на користењето плин, доаѓа приближно исто како да се вози кола на дизел-гориво.
Цената на автогасот кај нас се формира слободно, односно оние што го увезуваат и го продаваат. Тоа значи дека „Макпетрол“, „Лукоил“ и „Окта“, си ги договараат цените, а Регулаторната комисија за енергетика нема никаков удел во оформување на неговата цена. Ова го потврдува професорот Миле Димитровски, кој додава дека домашната цена зависи од берзанската и дека цената на гасот, односно на пропан бутанот на светските берзи е зголемена во последните месеци и е највисока во изминатите три години. Според него, Македонија не е единствената земја каде што цената на гасот не ја регулира Регулаторната комисија за енергетика, туку таа се формира слободно на пазарот и зависи од светските цени.
„По автоматизам, кога ќе скокне светската цена, таа веднаш скока и кај нас. Како тоа да се нарече, не знам, монопол, бипол, трипол, не знам што е. Компаниите сами се договараат за цените и сигурно имаат екстра-профити, не би сакал да коментирам и да шпекулирам колкави се тие. Оној што треба да реагира е Комисијата за заштита на конкуренцијата, но веројатно до неа нема никакви претставки од граѓани“, посочува Димитровски. Објаснува дека можеби е тоа така поради фактот што од 350.000 регистрирани возила во земјава, околу 20 илјади имаат инсталиран гас, а во последно време, поради растот на неговата цена, се' повеќе се преориентираат да возат на бензин.
Од „Лукоил“ вчера не можеа да ни дадат официјален коментар за растот на цената на гасот поради отсуство на најнадлежните лица. А, безуспешно се обидувавме и кај другите две компании, „Окта“ и ���Макпетрол“, да добиеме каква било информација во врска со оваа тема.
Упатени во бизнисот со нафтени деривати велат дека светските цени на гасот, односно на пропан бутанот нагло се зголемиле по последните три, односно два месеца. Домашните компании ги формираат малопродажните цени исклучиво во корелација со цените на берзите, а цената на гасот не е секогаш определена и зависна од движењето на цените на нафтата. Особено во зимскиот период, додаваат познавачите, светските цени растат поради наглото зголемување на потрошувачката, која е за десет пати поголема од летниот период, затоа што гасот се користи за затоплување.
Други познавачи на нафтениот бизнис, пак, коментираат дека домашните компании, трговци со гас, инкасираат екстра-профити на грбот на граѓаните кои веќе вложиле пари за гасни уреди. |