Атмосферска канализација на „Х. Т. Карпош“
Градските власти ја започнаа изградбата на атмосферската канализација на улицата „Христијан Тодоровски-Карпош“ во општината Чаир. Во следните два месеца градежните работи ќе се одвиваат на потегот од раскрсницата со улицата „Босна и Херцеговина“ до паркот во населбата Чаир, во должина од 550 метри. Новата ка��ализација ќе ги одвои фекалните и атмосферските води во два посебни колектора. Постојниот колектор во иднина ќе ги прибира само фекалните, а новоизградениот само атмосферските води.
„Со изградбата на новата канализација ќе се спречи поплавувањето на улицата што досега беше редовна појава при секој дожд, а на возачите и на пешаците ќе им се овозможи непречено движење по коловозот и по тротоарите“, рече градоначалникот Коце Трајановски.
Канализацијата, која ќе чини 8 милиони денари, ќе ја гради фирмата „Енергомонт“ од Скопје, а ќе се финансира од буџетите на Градот Скопје и Јавното претпријатие „Водовод и канализација“. (С.Н.) |