Хаос во Поликлиниката „Јане Сандански“
Додека комисии вршеа увид во поплавените делови, некои ординации вчера работеа во други простории
Снежана Калабакова
Поликлиниката „Јане Сандански“ и вчера беше во хаос по поплавата што настана од саботниот дожд. Додека изведувачите го поставуваа лимот на покривот, во некои од ординациите се' уште капе вода, која вработените ја собираат во леѓени. Целокупната медицинска опрема и апаратура е завиткана во најлони. Струјата е исклучена и голем дел од ординациите не работат. Најоштетени се одделите за гинекологија, стоматологија, трудовата медицина и делот каде што функционираше ноќната служба.
Дел од ординациите вчера работеа во други простории. Работеше ноќната служба, а во функција беа и лабораторијата, специјалистичките ординации. Осмоодделенци од општина Аеродром вчера беа на редовна закажана вакцинација.
Оштетените простории во поликлиниката вчера беше да ги види и министерот за здравство, Бујар Османи, а увид вршеа комисии формирани од бугарската фирма, која ја изведува реконструкцијата на покривот, од Министерството и од ЈСУ „Здравствен дом“. Тие правеа процена на целокупната штета во просториите, на апаратурата и на мебелот. Од ЈЗУ „Здравствен дом“ вчера со соопштение ги информираа граѓаните дека делови од поликлиниката ќе бидат привремено затворени од безбедносни причини. Нема да функционираат се' додека не се провери исправноста и сигурноста на електричната инсталација и на апаратурата, а просториите не се доведат во техничко-хигиенска исправност. Тоа значи дека просториите најпрвин ќе мора да се варосаат со свежа боја, а потоа да се направи дератизација и дезинсекција.
Концесионерите во „Јане Сандански“ вчера се' уште не беа сигурни дали штетата ќе им се надомести и кој ќе го плати реновирањето на просториите и загубата за времето во кое нема да можат да работат со пациенти. Тие се пожалија дека и онака имаат големи давачки, по околу 7.000 денари месечно за кирија, 2.800 денари за струја, 2.800 месечно плаќаат за вода, 800 денари за чистачката, по 300 денари некаков паушал и по 12.000 за парно во зима.
Како што претходно соопшти Министерството за здравство, согласно со договорот, а поради ненавремени превентивни мерки, сега бугарската фирмата-изведувач ќе мора да ги санира оштетените делови и да ги покрие трошоците за штетите на опремата.
„Целата штета што е направена во саботата со поплавувањето поради дождот ќе ја преземе бугарската фирма изведувач ’ГБС Благоевград‘, вклучувајќи ја и материјалната штета во смисла на опрема и инвентар, меѓутоа и во загубата на работни денови. Се очекува што побрзо да завршат сите санациони работи“, изјави министерот за здравство, Османи.
Бојан Јаначаков, координатор и советник на директорот на ЈЗУ „Здравствен дом“ на Скопје, објасни дека инвеститор за реновирање на поликлиниката „Јане Сандански“ е Министерството за здравство и овој објект е влезен во програмата за реконструкција на четириесетина јавни здравствени установи.
Фондот за здравство, пак, ќе им излезе во пресрет на концесионерите во поликлиниката, така што концесијата ќе им биде продолжена за онолку денови колку што тие сега нема да можат да работат со пациенти. Најголем дел од пациентите и натаму ќе бидат прифатени во оваа поликлиника, а останатите ќе бидат упатени во други во Скопје. |