Сведоштво
Како почна сето ова
Искрена исповед како ненадејно почна протестот на младите поради полициската бруталност
Тамара Атанасовска
Кога нешто ќе почне сосема искрено, како совест што притиска и не те остава да спиеш, а ќе се прошири до размери што се простираат до менување на свеста на заспаните македонски граѓани, приказната личи неверојатна. Никој во ова време не верува во вистинските човечки вредности, особено во Македонија, каде што сите чекорат со наведната глава. Лесно е на таа приказна, ако вистински не го знаеш почетокот, да и' залепиш разни придавки, да ја осудиш, од кои било причини што ти одговараат.
Вечерта на 5 јуни сите беа на „Баскер-фест“. Јас имав работа, седев дома. Зашто работам навечер, бев будна кога се вклучи онлајн еден другар на „Фејсбук“. Беше видно потресен, рече дека има да каже нешто, раскажа за убиство што се случило пред негови очи; како што рече, а најмногу го потресло тоа што го гледал младото тело покриено со кеси оставено само, а никој не се грижи за него. Не бил сам. Со него биле околу десетина мои други познаници.
Мојот пријател е еден од главните сведоци во случајов и, можеби, сте го виделе некаде на телевизиите како дава изјави, иако не му се гледа идентитетот, храбро уште од првиот ден. Како што се сеќавам, не го објасни до детали убиството, само рече дека младото момче било брутално претепано, со ногата во главата, а главата во клупа, од страна на припадник на „Алфите“. За оние на кои не им се верува како препознал, извинете, ама сите знаеме како изгледаат нашите специјални единици.
Искрено, малку ми звучеше неверојатно. Иако раскажа дека видел оти детето лежи на тревникот оставено и покриено со ќеси, сепак, си мислев, ќе знаеме повеќе утре. И видете го мојот шок следното утро, кога наместо да знаеме повеќе, дознав помалку. На Макфакс имаше објавено вест дека на момчето му се слошило. Се' исто, само причината за смртта друга. Ме облеа студена пот. Знаев што се случува.
Веднаш му се јавивме на другарот, колку да се консултираме, ни потврди дека се работи за истото тоа. Мраз. Што да ви кажам друго. Не знаев што да правам. А кога си „твитерџија“ и кога не знаеш што да правиш – „твиташ“. Ако сте ја погледнале хронологијата на настаните, таму има еден „твит“ од неименуван корисник на „Твитер“, кој гласи: „’Алфите‘ вчера утепаа момче на плоштад, а видете што пишува во весниците. Тие се вашите чувари, ви ги убиваат децата“. А што друго да кажам? Не излажав. Набрзо добив многу прашања на „Твитер“, се трудев да им ја објаснам случката на сите. Некои ми веруваа, други не. „Твитот“ е „ретвитнат“ дваесетина пати. Се шири веста. Тоа беше во 16.34 часот. Лута и бесна што сум немоќна, истото тоа го напишав и на тромавиот „Фејсбук“. Таму никој не ме праша што се случува, но во сандачето добив порака од една од другарките, кои биле таму вечерта, дека во 17 часот, пред фонтаната во парк ќе се чека екипа од А1 за да земе изјави од очевидците, исто така, пријатели. Замоли да одиме таму за поддршка.
Јас погрешно сфатив дека се собираме таму, можеби, како форма на протест, а мојата другарка мислела само да одиме да се видиме со другите очевидци што се таму. Тоа е доказ дека некогаш од грешка може да се случи нешто убаво. Затоа што единствено од заедницата „Твитер“ добив заинтересираност и одговор и нив ги повикав: „Веќе почнале да се собираат кај фонтана во парк. Ако сте луѓе, дојдете“. „Твитот“ е „ретвитнат“ речиси колку и првиот.
Излегов. Моите пријатели со телевизиската екипа се скриле малку повнатре во паркот за да не ги гледаат луѓето. Застанавме за кратко, да ги почекаме да завршат, но поради должината на интервјуто, решивме да се упатиме накај фонтаната. Таму, затоа што задоцнив поради чекањето, веќе затекнав луѓе. Повеќето непознати. Почна да ми ѕвони телефонот, луѓе да се најавуваат дека ќе дојдат. „Твитерџии“ доаѓаа, многумина од нив ги запознав тој прв ден. Отпрвин имаше повеќе новинари од луѓе. Малку ги исплашија очевидците. Потоа почна да се полни, веројатно, секој викаше некого, не знам. Одев од човек на човек да раскажувам што се случило. Многукратно. По некое време, кога се собраа околу стотина луѓе, кој од каде и да слушнал, почнавме да се организираме полека. Некој донесе тетратка и почнавме да се потпишуваме. Решивме да одиме накај „Баскер-фест’ и да им раскажеме на луѓето таму. Некој донесе мегафон. Тргнавме.
Одевме, иако не знаевме ни за кого ни што точно се случило. Чекоревме, грст народ, видете и по сликите, не знаејќи се меѓу себе тргнавме по улиците да привлечеме внимание. Сакавме само одговор, некој да каже што се случило. Знаевме дека некој е убиен, тоа сигурно. Знаевме дека се обидуваат да се скрие тоа. И знаевме дека не можеме да го дозволиме тоа. Бевме на „Баскер- фест“ и таму раскажав 100 пати. Се појавија транспаренти. Викавме на цел глас, баравме правда за нашиот „Даниел“, мислевме дека тој е жртвата та�� вечер. Какво чувство, да чекориш по тие улици, да бараш правда, само поради самата правда, не знам дали можам да ви опишам. Сами против сите, ние 150.
Седевме до доцна во ноќта, решивме да се растуриме. Кога стигнав дома, го отворив големиот интернет, видов колку негативни коментари има, како велат дека сведоците лажат, како ние сме вакви, такви… и не ми е срам да си кажам дека си поплакав. Мислев, се' пропадна, ама знаев дека не смеам да се откажам. Пишував вечерта на „Твитер“ колку што повеќе можам и заспав, подготвувајќи се за истото утре.
Следниот ден, што ќе видам! Убиецот сам се пријавил, момчето е Мартин Нешкоски, не марширавме за џабе! Правда! На дело! Сепак, чувство на успех не ме преплави како по добиена битка. Знаев дека е само ова почетокот. Сепак, ми беше мило што не дозволивме државата да го забошоти убиството, што овозможивме ова дете да почива во мир. Што неговата мајка ќе знае како умрело.
Дојдов кај спомен-куќата на Мајка Тереза следниот ден и можете ли да замислите што почувствував кога видов 2.000 луѓе? Не можете… и возбуда, и страв, и радост, и тага. Голем ден беше тоа. И тежок. Многу тежок.
Другиот дел од приказната горе-долу го знаете. Продолживме мирно и достоинствено да си ги бараме нашите права, пркосејќи и' на секоја провокација, не дозволувајќи му на никој да ја злоупотреби нашата борба. За битката што се' уште се води можам да напишам два пати поголем текст од овој, но тоа во некоја друга пригода. Сега сакав само да опишам како сето тоа почна, за да не се заборави, за да не се искомпромитира.
Се гледаме, секој ден во 18 часот! |