Се' живо поскапува
Инфлацијата упорно продолжува да ги јаде месечните приходи на граѓаните. Тоа го докажува и октомвриската инфлација од 2,7 отсто, чие постоење вчера го потврди и Статистика. Индексот на цени на мало во октомври, пак, споредно со истиот месец минатата година, пораснал за 3,3 отсто. Во октомври, во однос септември 2010 година, трошоците за живеење пораснале за 0,3 отсто, а цените на мало за 0,2 отсто.
Порастот на трошоците за живеење се должи на повисоките индекси на зеленчукот за 3,9 отсто, цигарите за 1,8 отсто, мастите за 1,6 отсто, јајцата за 1,3 отсто, млечните производи за 0,9 отсто, свежото и киселото млеко за 0,6 отсто. Во октомври, пораст на индексите на трошоците за живеење е забележан и кај комунално-станбените услуги за 2,4 отсто, обувките за 2,0 отсто, течните горива и гасот за 1,7 отсто, облеката за 1,0 отсто. Намалување на индексот на трошоците за живеење е забележано кај овошјето за 6,0 отсто и преработениот зеленчук за 0,4 отсто.
Вредноста на потрошувачката кошница за исхрана и за пијалаци за едно четиричлено домаќинство, пресметана врз основа на цените на мало, во октомври 2010 година изнесува 12.105 денари и во однос на претходниот месец е повисока за 0,6 отсто. (А.С.) |